Свет

Со пораката Трамп мора да биде поразен, започна конвенцијата на Демократска партија

Во уште една јасна демонстрација на начинот на кој пандемијата на коронавирусот драматично го промени американскиот живот, демократската национална конвенција започна без масовен собир на илјадници партиски делегати и активисти.

Наместо тоа, демократите се одлучија за првата виртуелна конвенција во историјата на САД, со која партијата и формално ќе го заврши процесот на номинирање на Џо Бајден како свој кандидат за претседател.

Двочасовниот настан вклучуваше однапред снимени пораки и обраќања во живо, на повеќе истакнати политичари но и други влијателни мажи и жени, вклучувајќи членови на семејството на Џорџ Флојд и здравстените работници кои со во првата линија на фронтот во борбата против коронавирусот.

Апел до своите лојални подржувачи да застанат зад Бајден испрати и неговиот главен ривал во трката за освојување на демократската номинација и вистински лидер на прогресивната левица во соединетите држави, сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс.

Во својата суштина, овие избори се за зачување на нашата демократија. Во текот на мандатот на овој претседател, незамисливото стана нормално. Тој се обиде да ги спречи луѓето да гласаат, ја загрози поштенската служба во САД, ги употреби војската и федералните агенти против мирните демонстранти, се закани дека ќе ги одложи изборите и навести дека нема да ја напушти функцијата дури и ако изгуби. Ова не е нормално и ние никогаш не смееме да го третираме како да е нормално, порача сандерс.

Иако експертски тимови од кампањите на Сандерс и Бајден заеднички подготвија политичка агенда со цел да ги добијат гласовите на прогресивните гласачи, голем дел од нив и натаму се скептични пред се заради одбивањето на кандидатот на демократите да ја прифати исклучително популарната идеја за јавно здравствено осигурување за сите американци.

Големо внимание на првата ноќ на конвенцијата, доби и пораката на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, која побара и граѓаните кои не се интересираат премногу за политика, на овие избори да излезат и гласаат за Бајден.

Доналд Трамп е погрешниот претседател за нашата држава. Тој имаше и повеќе од доволно време да докаже дека може да ја врши работата. Но, тој очигледно има премногу проблеми. Тој не може да одговори на овој момент. Едноставно, не може да биде тој што треба да биде за нас, рече поранешната прва дама.

На демократската конвенција големо простор и внимание им беше даден и на четворица политичари од републиканската партија, кои го поддржа Бајден и се дистанираа од Доналд Трамп.

Кампањата на Бајден, со пораката дека тој не е како Трамп и ќе ја обедини земјата се обидува да ја освои и поддршката на дел од гласачите кои традиционално не гласаат за демократите.

Четиридневната конвенција на демократската партија ќе кулминира во четврток со говорот на Бајден од неговата држава Делавер а претходно свои обраќања ќе имаат и Бил и Хилари Клинтон како и Камала Харис, која во среда ќе стане прва жена која не е со бела боја на кожата, номинирана како потпретседател на САД.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Израел се заканува со еднострани мерки при признавање на палестинска држава

Дејан Дејан

Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот

Дејан Дејан

Индија ликвидирала над 100 екстремисти во напади на пакистанскиот дел од Кашмир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе