Македонија Топ вести

За жителите на Раштак нема чиста вода – кал тече од чешмите

Веднаш под планините, десетина километри далеку од центарот на Скопје, а на моменти како да е на крајот на светот. Условите за живеење во село Раштак, не натераа да дојдеме и самите да видиме како жителите се снаоѓаат.

Во дворот на Вера Павловска е како и во секој друг двор во местото. Наредени пластични шишиња полни со нечиста вода. Само таква тече од чешмите во домовите.

Има рестрикции, а кога има вода – тече каллива и валкана. Не ни помислуваат да ја употребуваат во домаќинството. Во шишињата полнат само за да имаат за наводнување цвеќиња.

„Кога веќе има водовод, нека се направи нешто. Нека има и рестрикција ако треба ама Нека биде водата чиста! Два часа нека има вода меѓутоа да биде таа вода чиста. Ништо друго не бараме. За пиење не е ни случајно. Да ми речат дека е лек оваа вода – јас не би се напила вода, ниту пак би сварила кафе“ вели Вера Павловска, жителка на село Раштак.

Павловска го полни и ова големо пластично буре, а водата ја користат во тоалетот. На дното талог од материи кои не смее да се најдат во вода која ги задоволува стандардите за употреба.

За во домаќинството секојдневно веќе тринаесет години купуваат флаширана од продавница или полнат од бунари кај соседите.

„Соседите имаат бунар и таа вода е чиста и бистра. Јас ги премивам садовите отпосле. А, кога е многу валкана јас ниту машина не вклучувам. Оваа вода ние ја употребуваме само за да переме, да се измиеме ама некогаш е толку матна што не можеш ниту да се измиеш со неа“ вели Вера Павловска, жителка на село Раштак.

Институциите ветувале и ветувале – но, засега ништо не исполниле околу водоводот. Други жители ни кажаа дека сакаат да се самоорганизираат и да си овозможат употреблива вода во домовите.

„Селово се организира од куќа во куќа да се собираат пари за да ја донесеме водата од планината горе. Таму има вода за 5-6 села“ вели Игор Смилевски, жител на село Раштак.

Од 680 метри надморска височина, се симнавме повторно во центарот на градот. Зад нас го оставивме Раштак со близу 400 жители во Гази Баба. Место коешто никогаш не е заборавено од политичарите, но само во предизборие, како што велат жителите.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Оставката на Таравари доставена во сандачето на премиерот – позициите на Алијанса остануваат кај Вреди, потврди Меџити

Дејан Дејан

Недостасуваат лекари за физикална рехабилитација на повредените во Кочани

Дејан Дејан

Таравари си поднесе оставка од министерската позиција: „Во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе