Откако во својата дискусија спомна десетици разни активности истраги, тендери во МВР, кражби на марихуана и мафијашки престрелки, на собраниската седница пратеникот на опозицијата Драган Ковачки упати само едно прашање до министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Прашањето се однесуваше на сообраќајната несреќа со возилото на СОЗР со кое се превезуваа министрите Бектеши и Бесими (по чија што заслуга еве ние имаме зејтин и жито, ги боцна Ковачки двајцата министри предложени од ДУИ).
Возачот на двајцата министри помина на црвено и предизвика несреќа со две други возила и неколку повредени меѓу кои и тој. Ковачки открива дека возачот бил полицаец, а не е познато на кој начин е казнет.
-Тоа возило е управувано од полициски службеник нели на министерот за финансии му следува физичко обезбедување по закон. Моето прашање е следно што е преземено од тогаш до денес во овие три месеци, дали е преземено нешто и дали е дозволиво овластено службено лице кое што е полициски службеник кој што прв треба да се грижи за безбедноста, јавниот ред во државата, тие правила да ги крши и со дивјаштвото кршејќи ја вертикалната и хоризонтална сигнализација, брзајќи некаде да направи проблем и да го доведе во прашање животот на двајцата министри и граѓани. Дали истото лице е суспендирано и дали е поведена постапка против него, гласеше прашањето на Ковачки.
Во дискусијата, со флоскула „нема да Ве прашам“, Ковачки нареди и десетици други активности или пропусти на како што го нарече најскандалозното министерство во владата- МВР, раководено од Спасовски.
Ги спомна мафијшките престрелки во Скопје без откриени сторители, праша има ли истрага за опасното масло увезувано и горено како мазут во болници, фабрики и училишта, а праша и до каде се постапките и кој стои зад кражбите на легално одгледана марихуана и масло од канабис (минатата седмица од магацин на фабрика под стечај беа украдени шишиња со масло од канабис во вредност од околу 2 милиони евра).
-Нема да поставувам прашање дали во овие кражби се вмешани и дел од коалиционите партнери, рече Ковачки на собраниската говорница.