Министрите за одбрана на 32-те земји членки на НАТО денеска во Брисел ги усогласуваа деталите околу најголемото зајакнување на армиите и одбранбените способности на Алијансата уште од крајот на Студената војна. Планот на секоја една од членките е таен и поради тоа не се познати многу од деталите како ќе биде направено тоа зајакнување на капацитетите на 32-те армии, но приоритетите се добро познати. Тие се набавување на противвоздушни системи, ракети со долг дострел, артилериски единици, муниција, беспилотни летала од различни видови, но и воена логистика како воздушни танкери и летала за тешки воени товари.
Во основа на сето тоа е зголемување на трошењето на одбраната од 2 проценти на 5 проценти од БДП на секоја една од членките.
„Од Франција, преку Германија, Балтичките и Нордиските земји, до Поска, Грција, Унгарија и уште многу други, заложбата постои. 5 проценти трошење на одбраната. Кога ќе размислите со какви закани се соочување, итноста ширум светот е клучна. Не ни се потребни повеќе знамиња, потребни ни се борбени формации. Не ни се потребни повеќе конференции, потребни ни се повеќе капацитети, реална моќ“ изјави Пит Хегсет – Министер за одбрана на САД.
Голем дел од европските сојузници заедно со Канада загрижени по руската инвазија на Украина самоиницијативно започнаа да ги зголемуваат инвестициите во своите армии, набавувајќи оружје и муниција.
„НАТО мора да постигне моќни капацитети за одвраќање и одбрана. Свесни сме дека Русија сега е заглавена во и околу Украина. Досега не беше успешна, но јасно ни е дека во случај на примирје и договор за мир, секако дека Русија ќе распореди повеќе сили во наша близина“ рече Пал Јонсон – Министер за одбрана на Шведска.
Но, не сите сојузници се подготвени трошоците за одбраната да ги зголемат на 5 проценти од БДП, особено ако се има предвид дека најголемиот дел од нив едвај ги достигнаа основните 2 проценти. Меѓу нив се едни од најстарите членки на Алијансата како Велика Британија и Шпанија, но тие се под силен притисок, не само од САД, туку и од сите останати членки кои споделуваат граница или се блиску до Русија.
„Немаме време за 10 години, да бидеме искрени немаме време ниту за 7 години, бидејќи ако ги погледнеме целите за капацитетите, кога ќе ги пресметаме овие капацитети во инвестиции, тогаш ќе видиме дека 5% е нешто што мораме да го постигнеме“ додаде Хано Певкур – Министер за одбрана на Естонија.
Од 5-те проценти, 3,5 се предвидени да бидат инвестирани во армиите, додека 1,5 проценти мораат да бидат инвестирани во инфраструктурата, од патишта, мостови, до аеродроми и пристаништа, за да се овозможи брзо движење на армиите.
Освен тоа, НАТО сојузниците во Европа мораат да имаат воени формации до 300.000 војници, подготвени да бидат распоредени на источното крило за најмногу 30 денови.
Игор Трајков