ДУИ со остра реакција на последното јавно обраќање на премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за опасна и дискриминаторска реторика насочена кон Албанците. Од партијата велат дека Мицкоски се обидува да одредува кој е „прифатлив“ Албанец, што, како што наведуваат, потсетува на реториката на Милошевиќ од деведесеттите години.
„Наместо да се фокусира на ветените реформи, европскиот пат и економската стабилност, Мицкоски избира да води политика на поделби, со цел создавање подредени, послушни и неми Албанци“, се вели во реакцијата.
ДУИ оценува дека ваквата реторика не само што е штетна, туку веќе има обратен ефект – таа ги обединува Албанците, вклучително и политичките опоненти, во одбрана на нивното достоинство и политичка автономија.
Партијата ги повикува и функционерите од коалицијата „Влен“ да се запрашаат дали сакаат да останат соучесници во, како што велат, политика на омаловажување и дискриминација.
„Ако не можат да го слушнат гласот на Албанците сега – ќе го слушнат на избори“, порачуваат од ДУИ.