Дел од учениците од 4-г одделение во основното училиште „Јан Амос Коменски“ не посетуваат настава веќе неколку дена. Родителите објаснуваат дека причината е ученик кој во петокот физички ја нападнал наставничката и неколку соученици. Тие бараат училиштето и надлежните институции итно да го решат проблемот – или ученикот да биде преместен во друго училиште или да му се овозможи образовен асистент и да остане во паралелката.
„Со самото тоа што ви кажав дека ученикот во прво и второ одделение имал образовен асистент доволно кажува за тоа какви биле работите порано, а какви се сега. Не знам зошто тој асистент воопшто е тргнат. Со него имаше нормална настава. Додека не се реши овој проблем, ние сме подготвени нашите деца да не одат на училиште. Ако толку деца треба да останат необразовани поради еден ваков проблем, тогаш и на тоа сме спремни“, кажа Јанко Мишев, родител на ученик од 4-г одделение.
Родителите велат дека и покрај ветувањето од градоначалникот на Oпштина Карпош дека проблемот ќе се реши, досега ништо не е преземено.
Телма побара одговори од Oпштина Карпош од каде нѝ одговорија дека решенијата треба да ги донесе директорката која ја назначиле за да се справува со вакви проблеми.
Директорката на училиштето, Татјана Јанкуловска изјави дека во моментот на инцидентот била на службено патување, но дека е запозната со настанот и дека стручните служби презеле сè што било во нивна моќ.
Од училиштето, за разлика од родителите, нѝ кажаа дека имало агресија само кон наставничката, не и кон учениците. Директорката потенцираше дека додека ученикот имал асистент, наставата се одвивала без проблеми, но по одбивањето на таа поддршка од страна на родителите, започнало агресивно однесување.
„Информирана сум дека имало тропање на масата по што ученикот се вознемирил и дејствувал агресивно само кон наставничката. Но, по кусо време сè се смирило и наставата продолжила нормално. По некое време на наставничката ѝ се слошило и била повикана брза помош. Случајот бил пријавен до сите надлежни институции. Ученикот до петок ќе остане дома. Во контакт сме со сите надлежни институции и работиме на решавање на проблемот. Ги повикувам родителите на сите ученици да ги вратат на настава, затоа што во спротивно ќе добијат неоправдани“, објасни Татјана Јанкуловска, директорка на ООУ „Јан Амос Коменски”.
Ваквите информации ги потврдија и од Министерството за образование и наука. Од таму кажаа дека Државниот просветен инспекторат неколку пати бил во училиштето, издал препораки според кои училиштето постапило.
Во меѓувреме, 18 од вкупно 24 ученици не посетуваат настава. Родителите велат дека нема да ги вратат децата сè додека проблемот не се реши трајно.
Тамара Марковска