Специјалниот пратеник на Белата Куќа, Стив Виткоф изјави дека најважните теми на евентуалните преговори меѓу Русија и Украина би биле прашањата за територијалниот статус на регионите под контрола на Русија, нуклеарната централа Запорожје, како и пристапот на Украина до реката Днепар и Црното Море.
Во интервју за „Бритбарт њуз“, Виткоф истакна дека „нема да има договор без директно одобрение од рускиот претседател Владимир Путин“. Тој посочи дека нуклеарката Запорожје е „особено чувствителен пункт“ поради нејзиното енергетско значење за Украина.
Виткоф, чиј ангажман следи по зголемени дипломатски активности, рече дека пораката од американскиот претседател Доналд Трамп до двете страни е јасна – „останете на преговарачка маса или САД ќе се повлечат од процесот“.
Виткоф додаде дека за надминување на кризата разговарал и со високи претставници за национална безбедност од Велика Британија, од Франција, од Германија и од Италија, наведувајќи дека меѓународната поддршка за мировен процес е клучна.