Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос изјави дека Инструментот за реформи и раст од шест милијарди евра може значајно да го забрза развојот и евроинтеграцијата на земјите од Западниот Балкан. Таа посочи дека Албанија, Македонија и Црна Гора веќе се придружија на СЕПА, што е конкретен напредок кон интеграција во единствениот европски пазар.
Кос истакна дека Инструментот не е само финансиска, туку и политичка алатка, бидејќи исплатата на средствата зависи од спроведување на реформи. Сите земји, освен БиХ, веќе ги подготвија своите реформски агенди.
За Македонија се предвидени 750,4 милиони евра од кои 215,3 милиони се грантови. Во март, земјавa веќе доби 52,5 милиони евра како претфинансирање.
Инструментот е дел од Планот за раст за Западен Балкан и има цел да го забрза усогласувањето на земјите со ЕУ стандардите, како и постепено интегрирање во единствениот пазар.