По вчерашното исклучување на Арбен Таравари од коалицијата, денеска смирувачки изјави од сите владини партнери дека оваа ситуација нема да го наруши мнозинството. Владината портпаролка кусо ни изјави дека се работи за внатрешно прашање на Вреди и дека во моментов владината коалиција функционира редовно и нормално. Билал Касами од Беса дури најави и можно проширување.
„Таравари веќе најави дека нема намера да ја напушти владата, а од друга страна веќе има понуди, барања и разговори со други политички фактори од опозицијата кои се подготвени да бидат дел од владиното мнозинство, така што ценам дека оваа ситуација нема да ја разниша и владата, напротив, владиното мнозинство ќе биде уште поголемо“, изјави Билал Касами, претседател на „Беса“.
Во однос на ова прашање, коалиционите партнери од ЗНАМ поставија црвени линии. Не прифаќаат соработка со поранешни, актуелни и идни функционери, пратеници и членови од редовите на СДСМ за кои има индиции дека учествувале или се дел од организираниот криминал и корупцијата во Македонија, како и со соработници на ДУИ.
„Секој кој соработува зад отворени или затворени врати со нереформираната ДУИ е неприфатлив да биде составен дел на партнерството во коешто учествува ЗНАМ. Превирањата во Вреди не се закана за владејачкото мнозинство. Во моментов владината коалиција функционира тековно и без никакви застои. Владата е стабилна со самиот факт што ЗНАМ и коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ обезбедуваат мнозинство од 64 пратеници и дополнително пратениците во коалицијата Вреди кои ја поддржуваат владата“, изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.
Одлуката да биде исклучен од Вреди, Таравари синоќа ја прокоментира на Фејсбук велејќи дека, нема да дозволи да стане плен на провокациите на оние кои сакаат политички спектакл. Денеска е филозофски расположен.
„Еден од најсмешните повици е повикот за промени од некој што користи методи на стар политички менталитет. Промената започнува од себе, но за некого е потребно повеќе време, а за некого помалку. За жал, има такви кои никогаш не можат да се променат“, напиша Арбен Таравари на Фејсбук.
Превирањата во коалицијата Вреди траат подолго време, но кулминираа во последните два дена, откако Собранието на Алијанса за Албанците одлучи да настапат со самостојни листи за советници, а останатите партии ги исклучија од коалицијата.
Далиборка Демјанска Цветановска