Царините кои американскиот претседател Доналд Трамп ги наметна и трговската војна која ја започнаа двете најголеми економии, продолжуваат да ги брануваат берзите и финансиските пазари ширум светот. Таксите кои си ги воведоа една на друга достигнаа астрономски проценти, 125 за американски производи во Кина и дури 145 за кинески производи во САД.
Но, и покрај тоа што оваа пресметка меѓу Вашингтон и Пекинг се заканува да ја потопи светската економија, Белата куќа го споделува оптимизмот на претседателот, дека ќе биде постигнат договор со Кина, а кој ќе биде добар и за двете земји.
Ако Кина продолжи со реципрочните мерки, тоа нема да биде добро за неа. САД се најсилната, најдобрата економија во светот, а доказ за тоа се повеќе од 75 држави кои веднаш ја контактираа администрацијата за да постигнат добри договори, тврди портпаролката на Белата куќа Керолајн Левит.
И покрај сериозноста на ситуацијата и евентуалните катастрофални последици по светската економија, се чини дека Вашингтон нема јасно дефиниран план.
Од една страна се тврдењата дека целиот свет ја злоупотребувал американската добра волја, потоа дека ова се прави за најголемите компании да го вратат производството во САД, а оптимизмот за постигнување договор со Пекинг е спротивставен со повикот до сојузничките земји да се обединат и економски да ја изолираат Кина.
Истите сојузнички земји кои изминативе неколку месеци беа навредувани како ограбувачи и измамници, но Белата куќа е убедена дека сите сакаат да извезуваат во Америка.
Телефоните непрекинато ѕвонат. Јасно кажуваат дека САД им се потребни. Потребни им се нашите пазари, потребна им е нашата потрошувачка база, инсистира Левит.
Спротивно на тврдењата на Американците дека повеќе од 75 земји побарале преговори со САД, и дека телефоните постојано ѕвонат, ЕУ, која од стапувањето на функцијата Трамп целосно ја игнорира, инсистира дека нејзините членки настапуваат едногласно.
Подготвени сме да преговараме за обострано прифатливо решение, во исто време бранејќи ги нашите економски интереси. Сепак, сите опции остануваат на маса, порача еврокомесарот за економија и развој, валдис домбровскис.
Но, и покрај желбата на ЕУ и безбројните понуди за преговори, Трамп останува глув за повиците од Брисел.
Американскиот претседател никогаш не го криел својот презир кон Унијата, која освен што е значаен трговски партнер на САД, во исто време е и сериозен економски конкурент со пазар и потрошувачка база која е без малку двојно поголема.
Игор Трајков