Судска разрешница на случаите, човечкиот фактор, интегритетот на судиите и обвинителите и јавните набавки и годинава остануваат предизвик за Антикорупциската комисија.Невладините организации кои ја набљудуваа успешноста на оваа Комисија сугерираат дека, антикорупционерите не треба само да чекаат пријави од граѓани.Истражувањата покажуваат дека само 11 проценти од случаите се покренати од Комисијата.
Антикорупционерите очекуваат годинава да си ги подобрат условите за работа со реновирање на просториите и набавка на софтвер за поврзување со другите институции, а планираат и нови 16 вработувања. Од владата и правосудството исто така се најавува зголемување на човечките ресурси за борба против корупцијата, но, невладините препорачуваат поинаква кадровска политика.
Најчести случаи на Комисијата и понатаму се злоупотребите со јавните набавки. Во половина од тендерите, имало корупција. Затоа и бараат да се формира база со референтни цени, што би го спречило меѓусебното договарање на фирмите за намалување на цената. Продолжува и злоупотребата на обврската за пополнување на анкетни листови, особено од правосудните органи. Затоа, во годишниот план е проверката на имотната состојба на 15 судии, 15 градоначалници и 15 членови на владата.
Како дел од проблемите кои ја продлабочуваат недовербата во институциите, од невладините ги посочуваат и злоупотребите при градењето и урбанизацијата и проблемите при вработување, како и ставањето на некомпетентни кадри на раководни места.
Далиборка Демјанска Цветановска