Цената на струјата за домаќинствата засега останува иста. ЕСМ повторно понуди 62 евра за мегават час. Електрани во понудата навеле и дека тие како компанија целосно ќе ги покриваат и потребите од електрична енергија.
Оваа цена е идентична со претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас, пишува во соопштението на ЕВН ХОУМ.
Во дописот пишува дека цената ќе важи во следните шест месеци. Но ако се случат некои значајни промени на пазарите, може во ноември кога ќе се носи нова цена за преносот и дистрибуцијата, ЕСМ да мора да достави нова понуда.
На есен не се исклучува и можноста да има поскапување заради планот за раст кој налага годинава да се намали учеството на државата во цената на струјата од сегашните 85 проценти на 70 отсто. Доколку ова се почитува пресметката на претседателот на РКЕ Бислимовски во вчерашната ТОП ТЕМА покажа дека поскапувањето би можело да биде околу 5 проценти.
Ако 30 отсто од потребите на домаќинствата не се обезбедат од ЕСМ по 62 евра, туку се обезбедат по пазарна цена која што е околу 110 , 120 евра, вака некако приближно тоа влијае на крајната цена со зголемување од 5 отсто, изјави во ТОП ТЕМА, претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимовски.
Бислимовски најави и дека за околу два месеци во сметките ќе биде наведено дали броилото е отчитано или пак фактурите се паушални. Исто така, смета и дека во фактурите треба да има упатство како домаќинствата самите да ги читаат броилата.
Ова би било додека сегашните не се заменат со паметни броила за кој Електродистрибуција би имале рок од 7 години од носењето на одлука за тоа.
Сепак, не се исклучува можноста овој рок да се намали. Состојбата со паушалните сметки ескалираше зимава кога доста граѓани се пожалија на зголемени фактури, по што регулаторна побара да бидат испорачани нови.
Ирена Чачкова