Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, денеска преговараат за зголемување на набавките и производството на оружје и воена опрема за зајакнување на капацитетите за одбрана на Европа, Арктикот и Севернo атлантскиот регион, како дел од стратегијата на Соединетите држави за зголемување на безбедносните трошоци на секоја членка на алијансата.
Администрацијата на Трамп, фамозните 5 проценти од буџетот за одбранбени цели на секоја држава го направи приоритет во својот однос кон партнерите од Алијансата и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска не губеше време да го увери американскиот секретар за одбрана, Пит Сегет, дека НАТО е апсолутно фокусиран да ја оствари оваа цел што е можно поскоро.
„Денес ќе биде важен состанок, бидејќи денес ќе се договориме за целите на капацитетите што ни се потребни во иднина за да ја одржиме безбедноста на 1 милијарда луѓе на територијата на НАТО. За ова, ќе одлучиме на самитот на НАТО за трошењето. И веќе знаеме дека треба да трошиме многу, многу повеќе ако сакаме да ги исполниме сите овие цели“ рече Марк Руте, Генерален секретар на НАТО.
Пит Сегет, кој пред да го преземе Пентагон, во американската јавност беше најдобро познат како водител на телевизиско шоу на омилениот канал на Претседателот Трамп, Фокс Њуз, изрази задоволство од подготвеноста на сојузниците да инвестираат повеќе во својата одбрана.
„Од Франција, Германија, до земјите од Балтикот, Нордиските земји, до Полска, Грција, Унгарија и многу други, посветеноста е очигледна. Пет проценти за одбранбени трошоци. Кога ќе ги земете предвид заканите со кои се соочуваме, драматичните ризици, ова е критично. Не ни требаат повеќе знамиња. Ни требаат борбени формации“ изјави Пит Сегет, Секретар за одбрана на САД.
Зголемувањето на капацитетите поставува цели за секоја од 32-те држави за купување приоритетна опрема како против воздушна опрема, проектили со долг досег, артилерија , муниција, дронови, но и стратешки програми, како полнење со гориво во тек на летовите, воздушен транспорт на тешко вооружување и логистика.
Конкретниот план за секоја држава е класифициран и многу малку детали се обелоденуваат.
Целите за вооружување и засилување на воените капацитети на секоја држава се определуваат врз основа на планот усогласен во 2023-тата година, најголемата промена во военото организирање на северноатлантската алијанса по Студената војна, чии главни цели се одбрана на територијата на членките на НАТО од евентуален напад на Русија или потенцијален друг непријател.
Според овие планови, НАТО ќе треба да биде подготвен во рок од 30 дена на своето источно крило да распореди околу 300 илјади војници, иако експертите предупредуваа дека сојузниците би имале сериозни проблеми да ги спроведат ваквите планови.
Никола Илиевски