Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека ниту една држава повеќе нема да влезе во Европската Унија, освен можеби Црна Гора, а дека од „друга страна државите се „мамат со лажни ветувања“.
„Никој повеќе нема да влезе во Европската Унија, можеби уште Црна Гора, а државите се мамат со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ за да изнудат некои отстапки. Од другите се очекува сопствената надворешна политика да ја подредат на европските интереси, а тоа е пресметка со Москва. Така се работи и со Грузија, која има силен економски раст, благодарејќи на географската положба“, рече Милановиќ на предавање пред студентите на универзитетот Север во Копривница, пренесува порталот индекс.хр.
Милановиќ говореше и за глобалните предизвици и политичкото опкружување, а пред сè за војната во Украина за која рече дека „војна на исцрпување“, а не позициона војна како што беше Првата светска војна.
„Таа војна можеби можеше да се избегне доколку претенциозноста на европскиот начин на размислување не декларираше теза според која секоја земја има право да одлучи на кој воен сојуз или асоцијација ќе се придружи, со што ја тераше Украина драстично да ѝ заврти грб на Русија“, рече Милановиќ и додаде дека притоа не се водело сметка како ќе реагира Русија кога на граница ќе ѝ дојдат западни сили. За Европската Унија оцени дека повеќе не е сила каква што се смета.