Вести Свет

Најмалку 28 убиени во израелски воздушен напад во Газа по ден од убиствата во Вашингтон

Најмалку девет лица загинаа, меѓу кои дете и бебе, а десетици се повредени во израелски воздушен напад врз објект во бегалскиот камп Џабалија, на северот на Појасот Газа. На мета на израелските проектили во текот на ноќта се најдоа и Кан Јунис на југот на енклавата, како и Деир ал Балах во централниот дел на Појасот во кои загинаа вкупно 14 луѓе. По преживеани под урнатините се копаше со голи раце, со оглед на уништената механизација во најновата израелска офанзива.

„Од почетокот на оваа агресија врз нашиот палестински народ, израелската окупација ги уништи сите капацитети за цивилна одбрана и нема механизација за справување со ваков голем настан. Има голем број на жртви, меѓу кои и деца, жени и сопствениците на оваа зграда. За жал, ситуацијата е катастрофална за нашиот палестински народ“, изјави Фарес Афана, палестинската „Црвена полумесечина“.

Најновите напади доаѓаат по убиството на двајца вработени во амбасадата на  Израел во Вашингтон додека израелските власти се соочуваат со зголемени меѓународни критики поради бомбардирањата. Британскиот премиер Кир Стармер претходно рече дека е ужаснат од израелските постапки, опишувајќи ја ситуацијата во Газа како неподнослива. Осуда на сметка на Израел стигна и од Франција и од Канада, на што Нетанјаху возврати дека со „тоа практично сакаат Хамас да остане на власт“.

„Апелирам до претседателот Макрон, до премиерот Карни и до премиерот Стармер – кога масовните убијци, силувачи, убијци на бебиња и киднапери ви се заблагодаруваат, вие сте на погрешната страна на правдата, вие сте на погрешната страна на човештвото и сте на погрешната страна од историјата. Тие лидери можеби мислат дека го унапредуваат мирот. Тие го охрабруваат Хамас да продолжи да се бори засекогаш и им дава надеж да основаат втора палестинска држава од која Хамас повторно ќе се обиде да ја уништи еврејската држава и имајте предвид, тоа нема да биде држава без Хамас“, порача Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Десетици камиони со хуманитарна помош се пропуштени, но голем дел од производите и натаму се заглавени од другата страна на граничната рампа. Светската програма за храна има повеќе од 116.000 тони залихи во Египет, Јордан и Израел, количина која е доволна за прехрана на милиони луѓе четири месеци. Агенцијата на Обединетите Нации, пак, има преку 3.000 натоварени камиони кои се подготвени да тргнат кон Газа во секој момент, меѓутоа безбедносните мерки на Израел наложуваат претовар и чекање на собирните пунктови се додека израелската војска не даде зелено светло за влез во Појасот.

Сашко Димовски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калас најави можност за надминување на блокадата од Бугарија, Мицкоски побара фер третман

Дејан Дејан

Трамп се закани со 50% царини за ЕУ и 25% за производите на Епл

Дејан Дејан

Куќен притвор за двајцата поранешни директори на Онкологија, Нино Васев и Нехад Нухи

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе