Вести Македонија

Мирно пред Онкологија, но бурно зад телефоните – пациентите бараат одговори

Страв кај пациентите по алармот на словенечката експертиза која откри несоодветно лекување и сериозно нарушено здравје кај 29 болни од рак. Во здружението ХЕМА-ОНКО не престанува да ѕвони телефонот. Исплашени пациенти бараат одговори за терапијата која ја примаат во моментот. Здружението побарало и договорило средба во Обвинителството за алармантните податоци,  објавени вчера.

„Веќе закажавме средба во Обвинителството. Сакаме да добиеме повеќе информации за тоа колку истории на пациенти се разгледани. Во однос на тоа што ние како пациентска група го баравме уште од самиот старт, односно да се најдат имињата и презимињата и да се утврди дали постоело криминал, задоволни сме од истрагата, но со ваков исход нормално не можеме да бидеме среќни“, вели Ана Марјановиќ од здружението ХЕМА-ОНКО.

Пациенти кои денеска дојдоа по својата терапија на Клиниката за онкологија не сакаа да зборуваат јавно, но сакаат да веруваат дека никој не си поигрува со нивното здравје. Се надеваат дека лекцијата е научена и ниту еден друг лекар не би се осмелил да злоупотреби лекови и да им го наруши здравјето.

Пред Клиниката за онкологија денес имаше само мал број пациенти. Официјална изјава тие не сакаа да дадат. Меѓутоа зад камерите кажаа дека сметаат дека терапијата која сега ја добиваат е соодветна. Се надеваат дека правдата конечно ќе излезе на виделина.

Од Клиниката за онкологија смируваат. Апелираат до пациентите да имаат доверба во персоналот затоа што веднаш по отворање на случајот „Онкологија“ воведени се големи промени во работата на клиниката.

Кај лекарската комора загриженост за можните злоупотреби, им даваат поддршка на истражните органи, но потсетуваат дека треба да се почитува презумцијата на невиност.

„На поднесувањето на обвиненија за случајот, гледаме како на чекор напред кон расветлување на случувањата на ЈЗУ Клиника за онкологија и радиотерапија, што очекуваме да добие правна завршница со носење на соодветни судски одлуки. Но потсетуваме дека, и за овој случај како и за сите други треба да се почитува презумцијата на невиност на обвинетите, додека во судска постапка не се утврди конкретна одговорност за делата за кои се товарат“, соопштија од Лекарската комора.

Дваесет и девет болни од канцер биле несоодветно лекувани со што им се влошувало здравјето, покажало вештачењето од Словенија. Други онколошки пациенти, пак, добивале од скапата биолошка терапија во фаза кога воопшто не можела да им помогне. Обвинети се екс медицинскиот директор Нино Васев и уште тројца други онколози за несовесно лекување болни и тешки дела против здравјето на луѓето.

Другото обвинение е за економското работење на клиниката, каде обвинети се екс медицинскиот директор Васев и екс организацискиот директор Нухи за злоупотреба, измама и проневера во службата. За девет болни со канцер доказите покажале дека само на хартија добивале дел од лековите. Двете обвиненија против вкупно петмина обвинети се доставени до кривичниот суд кој треба да ги оцени.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Таравари останува со три пратеници, замина и пратеничката Муса

Дејан Дејан

Имам закани по животот – тврди скопската градоначалничка Арсовска откако најде дива сепарација на песок од Вардар во општина Аеродром, на локација која и личи на Амазонија

Дејан Дејан

Два лица загинаа во Скопје, со мотор удриле во бетонски столб

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе