Наша цел е УКИМ да јакне и да се вброи на листата на 1000 најдобри универзитети во светот. Тоа им го должиме на патроните на универзитетот. Ова го кажа министерката за образование и наука , Весна Јаневска, на свеченоста со која најстариот универзитет во Македонија одбележа 76 години од основањето и го прослави утрешниот празник на неговите патрони, сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. А, ректорката на универзитетот, Биљана Ангелова, истакнувајќи ги досегашните постигнувања на УКИМ, кажа дека ќе се посветат на посилна соработка со стопанството, ќе создадат услови младите истражувачи да останат во земјава и ќе ги подобрат наставните програми.
- УКИМ гради млади луѓе кои се подготвени за предизвиците на новото време. Но, цел на сите нас е овој универзитет и натаму да се јакне, да јакне и да се вброи на листата на 1000 најдобри светски универзитети. Тоа им го должиме на патроните на универзитетот и основоположниците на словенската писменост, како и на сите нивни уценици, рече Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
- Во следниот период нашата посветеност ќе биде насочена уште кон неколку приоритети. Зголемување на уделот на практичната компонента во наставата и посилна соработка со стопанството и јавните институции. Поддршка на младите истражувачи и креирање услови тие да останат и да напредуваат во нашата земја. Подобрување на наставните програми, со фокус на интердисциплинарност, дигитални вештини и општествена одговорност и одржливост во секоја смисла, кажа Биљана Ангелова, ректор на УКИМ.