Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во петок ќе допатува во Скопје, како дел од нејзината мини турнеја низ регионот на Западен Балкан. Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, таа во Скопје ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски.
Дополнително, Калас и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски ќе го отворат првиот Дијалог за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Северна Македонија, што следи по склучувањето на билатералниот Договор за безбедносното и одбранбеното партнерство во ноември минатата година.
Пред да допатува во Скопје, Калас ќе престојува во Белград и во Приштина.
Ова е втора посета на Калас на регионот по нејзиното преземање на должноста, откако претходно од 7 до 9 април престојуваше во Црна Гора, во Албанија и во Босна и Херцеговина.
Целта на посетите е да се покаже посветеноста на ЕУ на Западниот Балкан и поддршката на перспективите на земјите од регионот за членство во Унијата, но и за зајакнување на нивните напори за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот.