Почна да гради кат без дозвола, со решение само за реконструкција на покрив. Советникот и заменик градоначалник на Прилеп, Диме Бозоски, на деловниот објект во центарот на градот, сакал нелегално да догради уште еден спрат. Сега над приземјето е поставена бетонска плоча со железни столбови, но градежните активности се запрени.
Основното јавно обвинителство истражува дали постои кривична одговорност за дивоградбата, а општинскиот инспекторат веќе издаде решение за нејзино отстранување.
„При вршење на вонредниот надзор, беше констатирано дека се изведува надградба на деловен објект со приземје, без одобрение за градба. Врз основа на констатираната состојба, овластениот градежен инспектор ќе преземе мерки за отстранување“, се наведува во решението на Инспекторатот на Општина Прилеп.
Инспекцискиот надзор е спроведен на 8 април, истиот ден кога Телма достави прашања до Општината преку слободен пристап до информации. Бозоски претходно не одговараше на повиците. Пред повеќе од еден месец се огласи единствено на социјалните мрежи:
„Невистинито е дека се гради незаконски. За овој објект постои основен проект и решение издадено од Општина Прилеп“, напиша Диме Бозоски на Фејсбук.
Тој молчи, но граѓаните се гласни. Велат функционерите треба да бидат пример, а не дел од урбанистичкиот хаос.
„Ние мора да го почитуваме законот, оти знаеме кај ќе одиме, тие не одат, се гордеат згора на тоа. И градат и крадат. Секој функционер си го тера неговото, сакале ние или не“, велат граѓаните.
Од ОЈО Прилеп за Телма информираат дека во тек е предистражна постапка и издадена е наредба за градежно вештачење на објектот.
Во центарот на Прилеп, заменик градоначалникот Диме Бозоски, наместо да го реконструира покривот на деловниот објект, започна нелегална доградба, а инспекцијата издаде решение за отстранување. На потег се институцииите кои треба да покажат дали законот важи за сите подеднакво.
Емилија Мисирлиевски