Согорувањето отпад, градежната прашина, производството на електрична енергија, недостигот од еколошки јавен превоз, како и користењето дрва во домаќинствата се најголемите загадувачи на воздухот. Ова беше заклучокот на седница на Комисијата за здравство во Собранието на која се разговараше за сериозните последици од загадувањето. Експертите од невладините организации повикаа на итно делување, системски мерки и долгорочни решенија за намалување на загадувањето и заштита на здравјето на граѓаните.
„Сите овие податоци ни кажуваат дека за да се справиме со аерозагадувањето не можеме само да поентираме кон еден извор туку мораме на сите овие извори да работиме паралелно. За сите тие извори се одговорни различни чинители, некаде е индустрија, некаде транспорт, но најважно е да се фокусираме да обезбедиме алтернативни начини за греење на домаќинства и јавни објекти“, истакна Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени.
Невладините организации посочија дека е неопходно зголемување на буџетот за животна средина, воведување интегрирани дозволи за индустриските капацитети, строга контрола на согорувањето отпад и намалување на емисиите од транспортот. Очекувањата се дека сите овие работи ќе помогнат да се намали смртноста од аерозагадувањето, затоа што земјава е меѓу оние со најголем број вакви случаи во Европа.
„Во Скопје годишно умираат околу 1.200 луѓе како резултат на загаден воздух. Според статистиката на УНИЦЕФ 11,6% од смртните случаи кај доенчиња под една година се поврзани со аерозагадувањето“, потенцираше Ели Пешева од О2 Иницијатива.
Според податоците во Македонија годишно од загаден воздух умираат повеќе од три илјади луѓе. Лекарите постојано нагласуваат дека загадениот воздух предизвикува респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Тамара Марковска