Градоначалници на најголемите градови во Хрватска (Загреб, Сплит и Риека) ќе се избираат во вториот круг од локалните избори, закажан на 1 јуни, откако ниту еден од кандидатите на вчерашните избори не успеа да освои повеќе од 50 отсто од гласовите.
Во Загреб, во вториот круг, очекувано влезе актуелниот градоначалник Томислав Томашевиќ, кандидат на обединетата левица, партиите „Можеме“ и Социјалдемократската партија (СДП), на кого малку му недостасуваше за победа уште во првиот круг.
Во Сплит, во вториот круг од изборите за градоначалник влегоа актуелниот градоначалник Ивица Пуљак (Центар) и кандидатот на ХДЗ, Томислав Шута.
Во вториот круг на изборите за градоначалник на Риека влегоа Ива Ринчиќ (Акција на млади и партнерски партии) со освоени околу 40 отсто од гласовите и актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ (независен кандидат) со околу 20 отсто.
СДП, која е на власт во Риека повеќе од 30 години, остана без кандидат во вториот круг, бидејќи кандидатката на таа партија, актуелната заменичка градоначалничка Сандра Крпан заврши на третото место. Партијата се одлучи за Крпан наместо за актуелниот градоначалник Марко Филиповиќ, сега веќе поранешен член на СДП, кој влезе во изборната трка како независен кандидат.
Премиерот и претседател на ХДЗ, Андреј Пленковиќ синоќа во изборниот штаб на партијата во Загреб изјави дека е задоволен од резултатите.