Израелските сили опколиле болница во северниот дел на Појасот Газа, додека продолжуваат со офанзивата за заземање на територија во енклавата, соопшти министерството за здравство управувано од Хамас.
Денеска од таму информираа дека медицинскиот персонал и пациентите во болницата во Бејт Лахија биле под „жесток оган… што го спречува доаѓањето на пациенти, медицински лица и испорака на потребни материјали.
Израелската армија соопшти дека започнала „обемни копнени операции“ како дел од новата офанзива наречена „Операција Колесниците на Гедеон“, со цел уништување на Хамас.
Оваа недела се бележи и најсмртоносниот бран на воздушни напади врз Газа во последните месеци.
Израелските одбранбени сили соопштија дека нивните трупи се борат против „терористичка инфраструктура“ во северна Газа, вклучително и во близина на болницата.
Според министерството за здравство, три јавни болници во северните делови на Газа се веќе „вон функција“. Во последните 24 часа загинале најмалку 67 луѓе, а 361 биле повредени.
Во вторникот, израелски напади ги погодија и две од најголемите болници во Кан Јунис – Медицинскиот комплекс Насер и Европската болница. Израелската војска тврди дека Хамас има команден центар под Европската болница и дека целта на прецизниот напад биле „терористи на Хамас“.
Израелските медиуми објавија дека мета бил висок функционер на Хамас, Мохамед Синвар – помлад брат на поранешниот лидер на Хамас во Газа, Јахја Синвар.
Во саботата, израелски напади повторно ја погодија Кан Јунис, како и градови на северот – вклучувајќи ја Бејт Лахија и бегалскиот камп Џабалија.
Илјадници луѓе загинаа откако Израел ги продолжи нападите на 18 март, по пропаѓањето на двомесечното примирје.