Иранскиот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи, изјави дека САД „мора и ќе се повлечат“ од Блискиот Исток, додека продолжуваат преговорите меѓу Техеран и Вашингтон околу иранската нуклеарна програма.
Во првата реакција на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ, Хамнеи го обвини Трамп за „лаги“ и дека ја користи силата за војни и масакри, особено во Газа.
„САД им дадоа бомби на Израел за да ги фрлаат врз децата во Газа, болници и домови,“ рече Хамнеи. Тој повтори дека „ционистичкиот режим е извор на корупција, војна и поделби“ и мора да биде елиминиран.
Хамнеи оцени дека моделот во кој арапските држави зависат од САД е неуспешен и оти со напори на народите, Америка ќе биде принудена да го напушти регионот.
САД и Иран досега одржаа четири рунди преговори, но и понатаму постојат несогласувања околу збогатувањето на ураниумот.
Трамп најави можни воздушни напади ако не се постигне договор, додека Иран предупредува дека би можел да развие нуклеарно оружје.