Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосон денеска на заедничка прес-конференција го најавија постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен вчера во Тирана на средба на премиерите Мицкоски и Кир Стармер.
Мицкоски го нарече договорот со Британија „голем, неповратен чекор напред“ и „архитектура за иднината“ при што потенцираше дека заеднички вредности на двете држави се слобода, демократија и владеење на правото.
Според премиерот, партнерството ќе отвори врата за највисоко ниво на соработка во одбраната, борбата против организираниот криминал и нелегалните финансии, во образованието, здравството, културата, во младинските политики и економскиот развој..
Мицкоски најави дека договорот ќе биде основа за инвестициски циклус во вкупна рамка од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра).
Дел од овие средства ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти, како изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството, вклучително завршување на клиничката болница во Штип со нов медицински факултет и студентски дом, изградба на болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово. Договорите за овие инвестиции се очекува да бидат потпишани во наредните денови.
Мицкоски го оцени договорот како втор клучен столб на меѓународната позиционираност на државата, по стратешкото партнерство со САД, и како потврда за стабилноста, безбедноста и европската иднина.