Вести Најважни Свет

Русија и Украина договорија најголема размена на заробеници од почетокот на војната

Во услови на интензивирани воени дејствија во Украина, во Истанбул вчера се одржаа првите директни мировни преговори меѓу Русија и Украина од 2022 година. Иако опипливи резултати недостасуваат, двете страни се согласија на најголемата размена на заробеници до сега– 1.000 за 1.000.

Украинскиот министер за одбрана и шеф на делегацијата, Рустем Умеров, потврди дека биле отворени теми за прекин на огнот и евентуална средба меѓу претседателите Зеленски и Путин.

Наш прв приоритет беа луѓето и затоа преговаравме за ослободување на 1000 луѓе и постигнавме, договор за размена на 1000 луѓе. Тоа е важно достигнување и уште еднаш покажува дека сме фокусирани на финализирање на оваа војна. Втората цел беше да разговараме за прекин на огнот, да размениме модалитети и нашите тимови ќе работат на размена на детали, вели Украинскиот министер за одбрана и шеф на делегацијата, Рустем Умеров.

Од Москва пак став испрати, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков,кој  потврди дека средба меѓу претседателите Путин и Зеленски е можна – но само по постигнување конкретни договори меѓу делегациите.

Засега, мора да го направиме она за што делегациите успеаја да се договорат вчера. Секако, пред сè, да извршиме размена на илјада (затвореници) за илјада и да го замениме токму списокот на услови за кои зборував и за кои зборуваше мојот колега Медински вчера, изјави Дмитриј Песков портпарол на Кремљ.

Но само ден по разговорите, во руски напад со дрон врз цивилен минибус во Суми загинаа најмалку девет лица, меѓу кои четворица од исто семејство. Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро реагираше. Порача дека секој ден постои можност за примирје но Русија го одбива. Обвини дека станува збор за намерно убиство на цивили.

Францускиот претседател Емануел Макрон, од самитот на Европската политичка заедница во Тирана, изјави дека очекува реакција од американскиот претседател Доналд Трамп на, како што рече, „цинизмот на Путин“.

Соочен со цинизмот на претседателот Путин, верувам, па дури и сум сигурен дека претседателот Трамп, кој го има предвид кредибилитетот на Соединетите Американски Држави, ќе реагира. Бидејќи всушност, предлогот за прекин на огнот, предлогот за средби на високо ниво, ова се американски предлози, важни и не можат да се соочат со таков одговор, порача францускиот претседател Емануел Макрон.

Во Анталија, Турција, министрите за надворешни работи на НАТО се подготвуваат за клучниот самит следниот месец. Дипломатските напори продолжуваат, и сите сили се насочени кон изнаоѓање решение за ставање на крај на војната.

Многу е јасно дека претседателот Зеленски е подготвен да оди во Истанбул. Рускиот претседател Путин не сака да дојде. За мене, тоа многу јасно покажува каде треба да извршиме притисок за да се движиме кон мир, порача Каспар Велдкамп, министер за надворешни работи на Холандија.

Мислењата на жителите на Киев се поделени. Некои ја поздравуваат размената на заробеници, други немаат доверба во успехот на преговорите.

Мислам дека, без разлика како го анализирате, без разлика кои се тие, мора да одржуваме некаков вид дипломатски контакти, вели Олександр жител на Киев.

Јас, на пример, немам доверба во ова. Но, би сакал да верувам дека Европа и Америка мора некако да се обединат и да извршат притисок врз тој човек, порача Љубов Петренко, жител на Киев.

Мислам дека е ова е добар чекор, бидејќи сум сигурен дека можат да ги разменат, исто како војниците од Азов, исто како и многу други воени заробеници кои се во заробеништво од почетокот на војната. Нивните семејства ги чекаат. Сигурен сум дека оваа размена е од суштинско значење, вели Всеволод Шал, локален жител.

Се чека следниот чекор – дали ќе има директна средба Путин – Зеленски, и дали меѓународниот притисок ќе донесе резултати.

Александар Петрески

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп најави: „Во понеделник ќе разговарам со Путин“

Дејан Дејан

Тишината погласна и од зборовите – кочанчани повторно испратија повик за неселективна правда

Дејан Дејан

Русија постави нови услови за мир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе