Суспендиран е од работното место раководителот на општинскиот инспекторат во Битола, чија викендичка беше опфатена со контролите за нелегално изградени објекти на Општината пред повеќе од еден месец. Неговите колеги од инспекторатот тогаш, извршија увид на плацот со викендичката, а битолското обвинителство поведе предистражна постапка која е во тек. Денеска градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека против раководителот е поднесена кривична пријава од надлежна институција, а додека трае постапката тој времено е отстранет од работното место.
„Оваа мерка е преземена со цел да се обезбеди непречено одвивање на институционалните процеси и да се зачува интегритетот на општинската администрација, односно неговото натамошно присуство во институцијата, додека трае постапката, штетно ќе се одрази врз институцијата, со што ќе го оневозможи утврдувањето на одговорноста“, напиша на социјалните мрежи Тони Коњановски.
По увидот што беше извршен на парцелата на главниот општински инспектор на 3-ти април, општината до медиумите испрати известување за контролите, а фотографии од објектот на лицето вработено во општинската админстрација, како и фотографии од други објекти кај кои беа затекнати неправилности.
За дел од нив кај кои беше утврдено дека се нелегално изградени имаше и решение за уривање, но засега нема никакви активност. Градоначалникот Коњановски денеска во неговото писмено обраќање до јавноста се осврна само на случајот со раководителот на сектор во општина Битола, но, без многу детали.
Eмилија Мисирлиевски