Со заедничка фотографија започна еднодневниот самит на Европската политичка заедница во Тирана на кој учествуваат лидери на 47 европски земји. Фокусот е на безбедносните и одбранбените предизвици низ целиот континент, а Русија и Украина се на врвот на агендата, како и начините за подобрување на конкурентноста на континентот и справување со нелегалната миграција.
Пристигнувајќи на состанокот, лидерите ја нагласија потребата од безусловен прекин на огнот во Украина. Иако во пресрет на самитот, рускиот претседател Владимир Путин ја отфрли понудата на Зеленски да се сретнат лице в лице во Турција за да се обидат да обезбедат прекин на огнот со Москва. Лидерите го обвинија Путин дека не сака мир, додавајќи дека работат на нов пакет санкции.
Домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама на колена ја пречека италијанската колешка Џорџа Мелони. Меѓу присутните се и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Зеленски пред своите сојузници во Албанија порача дека, иако тој се согласил на директна средба со Путин во Истанбул, тоа не се случило, а наспроти украинската делегација со овластувања да го прифати договореното, Русија испратила делегација на пониско ниво.
„Нашиот приоритет број 1 е целосен, безусловен и чесен прекин на огнот. Ова мора да се случи веднаш за да сопре убивањето и да креира солидна основа за дипломатијата, пред се. И доколку руските претставници во Истанбул денеска не може да се согласат ниту на тоа, на примирје, на тој нужен чекор за напред, ќе биде 100 проценти јасно дека Путин продолжува да ја поткопува демократијата“, изјави Зеленски.
Според генералниот секретар на НАТО, Путин направил грешка што испратил „делегација на ниско ниво на денешните преговори во Истанбул“, каде денеска се одржаа трилатерални состаноци наместо мировни преговори. Најпрво на маса седнаа делегации на Турција, САД и Украина, руската делегација подоцна да ја замени американската страна во првото соочување меѓу Киев и Москва по пауза од три години. Украинските претставници претходно се сретнаа со националните советници за безбедност на Германија, Франција, Велика Британија и САД.
Меѓу двата состанока се огласи и Доналд Трамп кој порача дека нема напредок кон мир без тет-а-тет средба меѓу него и Путин. Нагласи оти не го чуди што неговиот руски колега не отпатува во Истанбул, но и оти сака да се сретне со него што е можно поскоро, можеби веќе во наредните две-три недели.
Сашко Димовски