Вести Македонија

Пораст на менталните нарушувања кај младите – сè уште е табу тема да се побара стручна помош

Бројот на менталните заболувања кај младата популација постојано се зголемува, но посетата на психолог или психијатар и натаму останува табу тема во македонското општество. На ова предупредуваат и лекарите од примарното здравство, кои сè почесто се среќаваат со пациенти што имаат потреба од психолошка поддршка, но ја одбиваат поради стигма. Фондот за здравствено осигурување веќе подготвува нови мерки за рано препознавање на ментални нарушувања – воведување прашалници за лица од 25 до 40 години, кои ќе помогнат во проценка дали некое лице има потреба од психијатриски преглед.

„Уште кога ќе кажете дека врз основ на скорингот, треба да  проследи психијатар, реченицата што најчесто ја користат младите е „Па, јас не сум луд“. Тоа не е дека некој е луд, психијатар имаат и најпознатите ѕвезди – и политичари и глумци во светот имаат психијатри. Во одредени животни ситуации потребно ни е поддршка од психијатар и психолог“ изјави Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа – семејна медицина.

Според Ѓорѓиевски, итно е потребна реорганизација на примарната здравствена заштита. Тој предупредува дека семејната медицина ги живее своите најтешки денови – лекари недостасуваат, примањата се ниски, а мотивацијата за отворање на приватни ординации речиси и да не постои. Дополнително тој повика и на ревидирање на позитивната листа на лекови затоа што дел од постоечките медикаменти веќе не се користат во европските земји.

„Семејните лекари се во дефицит. Нема стимулација кај младите лекари. Тие се слабо платени затоа што ако сте во мало место, капитацијата е ниска. Не те мотивираат ниту да отвориш своја ординација затоа што се почнува со нула пациенти и нула денари и тука почнуваш борба со системот затоа што ти во исто време треба да даваш плати на своите вработени“ додава Драган Ѓорѓиевски, претседател на Здружението на лекари по општа – семејна медицина. 

Денес се оддржа шестиот конгрес на Здружението на лекари по општа и семејна медицина на кој се зборуваше и за хроничните болести како и за сексуално преносливите инфекции која е уште една табу тема меѓу младите.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Даунинг Стрит 10: Партнерството го отсликува се подлабокото пријателство помеѓу двете земји

Дејан Дејан

Секое планирање во енергетиката мора да биде долгорочно, вели Божиновска

Дејан Дејан

Божиновска: Ќе се зголеми производството и ќе се намали цената

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе