Оставката на Арбен Таравари од министерската позиција во Здравство, доцна попладнето пристигна во сандачето на претседателот на Владата.
Лидерот на крилото на Алијанса се заблагодари за довербата да го води здравствениот систем. Околу одлуката за оставка, напиша дека ја донел по внимателна лична и професионална проценка.
„Oвој чекор е во најдобар интерес и за институцијата и за моите лични принципи. Ви благодарам за довербата и можноста да бидам дел од Владата во еден исклучително значаен период за здравствениот систем. Останувам отворен за соработка и поддршка во иднина, секогаш водејќи се од јавниот интерес“, напиша Арбен Таравари, министер за здравство во оставка.
Нејасно е дали потегот на Таравари ќе го следи и вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи. Но, функционерските позиции на Алијансата за Албанците остануваат во Вреди. Ова денеска го потврди вицепремиерот Изет Меџити.
Од Вреди се на став дека одлуката за излез од Владата е лична на Таравари и тврдат дека поради тоа има големо незадоволство и крупни поделби во раководството, на до вчера партнерската Алијанса за Албанците.
„Сите позиции коишто ги има Алијанса за Албанците ќе останат во рамките на Влен, ќе направиме анализа и ќе ги дадеме најдобрите и најподготвените за тие позиции. Тоа што самиот најавува оставка, но не и за другите функционери – тоа покажува и докажува дека има донесено одлука којашто не кореспондира со членството и структурите на партијата“, вели Изет Меџити, прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање.
За функционерите на Алијанса на Таравари нема место во Владата, вели заменик министерот за правда кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ален Деребан. Оценува дека со самото тоа што одлучиле да ја напуштат Владата, дале знак дека не се за реформи и правда, туку на погрешната страна.
„Сите оние коишто се приклонуваат на таа погрешна страна ќе бидат разрешени. За нив нема простор и можност да учествуваат и практикуваат во оваа Влада. Изборот е нивен“, вели Ален Деребан, заменик-министер за правда.
Претседателот на Владата, Мицкоски, вчера не откри дали сите функционери од Алијансата на Таравари заминуваат или за некого постои можност и да остане дел од власта. Премиерот најави кадровски решенија веќе од идната недела.
Петар Догов