Низ институциите сè уште се води битката за четиригодишното дете врз кое мајката Невена Спасеска го загуби старателството со правосилна и извршна пресуда. Детето е сè уште кај мајката, која во меѓувреме добила и покана од обвинителството во Скопје во својство на осомничена за одземање дете. Од Центарот за социјални работи во Скопје велат дека во тек е постапката за извршување на пресудата, а до тогаш важи решението за видување со неговиот татко, охридскиот бизнисмен Спасе Спасески.
„Согласно моменталната утврдена фактичка состојба, детето, иако е доверено на таткото, сè уште живее и престојува во домот на мајката заедно со истата на територија на Град Скопје. Со решение на центарот се регулирани личните односи и непосредни контакти на детето со таткото, а од страна на мајката е поднесено барање за ставање вон сила на тоа решение. Воедно, од страна на мајката до денешен ден сè уште не е поднесено барање за регулирање на лични односи и непосредни контакти на малолетното дете со неа како родител“, соопшти Центарот за социјални работи во Скопје.
Социјалниот работник Гоце Прцуловски во меѓувреме демантира дека на мајката ѝ одговорил од личен мејл дека треба да го предаде детето на таткото, како што тврдеше таа, туку од службениот и дека така комуницира со сите странки. Воедно, тој вели дека како социјален работник не постапува индивидуално во ниту една постапка во центарот, туку согласно закон, постапката ја води стручен тим кој ја носи конечната одлука врз основа на извршена проценка која е индивидуална за секоја постапка.
Од Центарот во Скопје велат дека досега за овој предмет во повеќе наврати биле извршени надзори и контроли од повеќе институции, при што не се утврдени неправилности во работењето и постапувањето на стручните лица, ниту, пак, незаконитост во постапувањето.
Од Министерството за социјална политика велат дека Центарот во Скопје е надлежен да постапува, согласно утврденото место на живеење на детето во Скопје, каде што посетува и предучилишто образование. Но, кога ќе биде предадено на таткото кој живее во Охрид, според законот тогаш ќе биде надлежен центарот од тој град за видување.
Мајката Невена Спасеска тврди дека судот ѝ го одземал синот без релевантни аргументи. А таткото дека таа го опструира предавањето на детето, кое не го видел од февруари. Битолска Апелација во февруари ја потврди пресудата на охридскиот суд. Сега мајката ќе се жали до Врховниот суд, а според информациите на Телма предметот уште не е стигнат до највисокиот суд во државата.
Марија Митевска