Вести Македонија Најважни

Кој профитира, а кој губи од „раситнувањето“ на владината коалиција – Меџити го обвинува Таравари за предавство на промената

Меџити од „Илинденска бр. 2“, а Таравари од Тетово – сега политички опоненти наместо партнери, си го разменија последното збогум. Претседателот на Алијанса како нов опозиционер децидно кажа – „не ги испорачавме промените, се враќаме кај граѓаните“. А, вицепремиерот му возврати – „ти ја предаде Владата“.

Острата реторика продолжи на социјалните мрежи, по вчерашниот состанок на партиското раководството на Алијанса за Албанците во Тетово.

„Ти не донесе промени. Не се враќаш кај народот – се враќаш на црната листа. Не излегуваш од Владата, туку ја предаваш. Таравари е разочарување за секој Албанец кој гласал за промената“, напиша првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, кој доаѓа од редовите на Вреди. 

Оваа реакција на Изет Меџити дојде откако претседателот на крилото на Алијанса вчера вечерта порача дека Владата не успеа да ги донесе промените што ги вети.

Дел од аналитичарите во земјава оценуваат дека Таравари го почувствува моментот кога да ја напушти коалицијата, среде растечкото незадоволство помеѓу електоратот.

„Бројките се тука, стабилни се бројките. Дури и без Вреди владината коалиција може да продолжи да работи и да опстои. Но, работата не е да опстои владината коалиција туку да опстои и да продолжи да се негува меѓуетничката кохезија во државата, да се зачува европскиот пат и перспектива и ние да можеме да зборуваме за теми коишто се сериозни предизвици за оваа генерација, но и за генерациите коишто следуваат. А, не да се враќаме назад“, вели Сефер Селими, политички аналитичар. 

Алијансата за Албанците предводена од Таравари вчера едногласно одлучи да делува од опозиција. Лидерот дефинитивно ја затвори вратата за соработка со довчерашните партнери, но ја подотвори за соработка со други партии.

Ги адресираше и причините за одлуката за напуштање на владиниот состав – вперувајќи го прстот во отстранувањето на Балансерот и маргинализацијата на Албанците во институциите.

„Минатата година со гордост ја донесовме промената во албанскиот блок после дваесет години и за тоа сме многу горди. Меѓутоа, промените што ги ветивме за жал не ги испорачавме. Доколку има недоверба во тие што се членови на Владата, доколку има конспирации и секакви сомнежи, ние немаме што да бараме таму. Едноставно, подобро е да бидеме надвор, да се вратиме кај граѓанинот, да го слушнеме нивниот глас“, кажа Арбен Таравари, претседател на Алијанса за Албанците, на вчерашната прес-конференција. 

Ова е нова ситуација на политичката сцена и сега опозицијата профитира од „раситнувањето“ на владината коалиција, смета политичкиот аналитичар Селими.

„Тука најголем победник во овој случај се политичките партии од Европскиот фронт. Уште дополнителни други фактори ќе треба да одлучат како ќе се развие целата ситуација, пред сѐ, мислам на тоа дали овој потег ќе продуцира предвремени парламентарни избори“, додава аналитичарот Селими. 

Премиерот Мицкоски досега повеќепати ја отфрли потребата од предвремени парламентарни избори заедно со локалните – нешто што е предложено од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Петрески: Трошокот за општеството е поголем од унгарски кредит, бидејќи каматната стапка ја плаќаат даночните обврзници

Дејан Дејан

САД бараат од НАТО-сојузниците прифаќање на пет проценти од БДП за одбрана

Дејан Дејан

На пристаништето во Солун пронајдени 58 килограми кокаин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе