Дванаесет години затвор за Васил Јованов за сообраќајката во која смртно ја прегази Фросина Кулакова, објави судијката Снежана Марковска.
Тоа што бил студент млад човек и спортист тоа што призна вина се извини беа меѓу олеснителните околности за 12-годшината казна затвор за Васил Јованов кој смртно ја прегази Фросина Кулакова на црвено светло на пешачки, под дејство на алкохол и со 91 км./ч. И без возачка дозвола. Како отежителни, судијката ги посочи неговиот поранешен живот, другите сообраќајни прекршоци правосилната пресуда за трговија со дрога од 3 години и 10 месеци.
Семејството на Фросина низ солзи ја слушаше пресудата. Нејзиниот татко и пред судницата, додека се одлучуваше за притворот, гневно извикуваше „Багро судска! Затвор за вас!“, пред да излезе им се обрати и на родителите на Јованов со зборовите „Господ ќе ве казни!“.
Потоа пред медиумите порача дека судството ги штити мафијашите и дека 12-годишната казна е награда за најбрутално убиство во сообраќајот.
- Убиецот Васо и останатите тројца кои биле во автомобилот се светци, а загубата на најморбиден можен начин на животот на детето ангел Фросинче е едноставно небитно. Животот одамна е докажано дека нема вредност токму според законите на оваа недржава. Затоа оваа пресуда е таква каква што е, срамна и тажна за целото општество. Многумина на душа ќе ја носат погибијата на детето ангел Фросинче и ваквиот срамен судски епилог, арам да им се парите и сè друго што добиле како компензација и Бог нека им суди и нека им пресуди, ние не се откажуваме, рече Тодор Кулаков, татко на Форсина.
Адвокатот на Јованов ќе се жали на Апелација, смета дека за ова е највисока казна во скопското апелационо подрачје за вакви слични случи. Обвинителство дополнително ќе одлучи дали ќе бара повисока казна.
- Секако е трагичен настан, но не може од овој настан да се започнува со спроведување нова казнена политика во Македонија. Само затоа ни е приговорот. Судот во деловна мера не го ценеше искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока, рече Сашко Дуковски, адвокат на Васил.
- Денешниот ден за Обвинителството е поголема победа затоа што беше изречена казна затвор која во историјата на овој суд, за ова кривично дело, кога станува збор за една жртва, не била досега изречена, сметајќи на висината 12 години затвор. Обвинителството сепак го задржува правото на жалба и да бара повисока казна затвор, рече Александар Марковски, обвинител.
Јованов останува во притвор. Судијката му изрече и забрана за управување мотротно возило во рок од 5 години по правосилност. Сестрата на Фросина најави протест за утре во 17 часот пред Универзална сала.
Елена Ивановска Мукоска