Американскиот претседател Доналд Трамп го повика Киев да преговара со Моксва за прекин на огнот. Тој на социјалната мрежа ,,Вистина” напиша дека Украина мора да го прифати барањето на Путин за директни разговори веднаш, иако Путин не се согласи на примирје како што побараа Соединетите држави и европските лидери.
Рускиот претседател Путин не сака договор за прекин на огнот со Украина, туку средба в четврток во Турција за да преговара за можен крај на ова крвопролевање. Украина мора да го прифати ова веднаш, напипша Трамп.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски експресно одговори на повикот на Трамп. Рече дека е подготвен за средба со Путин.
„Нема смисла убивањето да продолжи. Ќе го чекам Путин во Турција в четврток. Лично!“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.
Русија не се согласи на примирје и побара прво да се одржат преговори за основните причини на конфликтот, а потоа да се разговара за примирје.
Претходно, рускиот претседател рече дека треба да продолжат неуспешните мировни разговори од 2022 година кои се одржаа во Истанбул, без никакви предуслови.
„Ние сме посветени на сериозни преговори со Украина. Нивната цел е да се елиминираат основните причини за конфликтот, да се воспостави долгорочен, траен мир за историска перспектива. Не исклучуваме дека за време на овие преговори ќе биде можно да се договори некое ново примирје, нов прекин на огнот.“ – вели Владимир Путин, претседателот на Русија.
Турскиот прертседател Реџеп Таип Ердоган рече дека е подготвен да биде домаќин на мировни преговори меѓу Украина и Русија, а аналитичарите оценуваат дека сериозни разговори би значеле огромни промени во позициите на двете страни.
И Европа и Соединетите држави вчера повикаа на 30-дневно примирје и почеток на директни преговори меу Украина и Русија за крај на војната.
Марија Коцева