Без возачка дозвола, со 0,8 промили алкохол во крвта, возејќи ја колата на татко му со 91 километри на час, речиси двојно побрзо од дозволеното, поминал на црвено и ја усмрти младата Фросина Кулакова на пешачки премин на Партизанска, кај Силбо.
Обвинителството соопшти дека поднело обвинение за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот против 21-годишниот Васил Јованов. Според обвинителството, Јованов не се придржувал кон прописите и со тоа свесно го довел во опасност животот на луѓето. Ќе бараат продолжување на притворот.
„Во рок од два месеци од трагичниот настан, надлежниот јавен обвинител ги прибра сите докази и вештачења кои укажуваат дека обвинетиот го сторил ова најтешко дело против безбедноста во сообраќајот за кое е запретена максимална затворска казна до 20 години“, соопшти Обвинителството.
Несреќата се случи на 29 јануари, 15 минути пред полноќ, кога 22 годишната Фросина Кулакова поминувала на пешачки на зелено. Јованов поминал на црвено и ја усмрти на лице место.
Тој претходната година бил осуден за продажба на дрога, но судот му определил малолетнички затвор. Обвинителството се жалеше, а во моментот на несреќата, тој чекал пресуда на Апелациониот суд. Седум дена по сообраќајката, Апелација ја преиначи пресудата за дрога на 3 години и 10 месеци затвор.
Во јавноста се појавија критики зашто бил осуден на малолетнички затвор иако бил полнолетен, иако законот го дозволува тоа.
Смртта на младата Фросина предизвика протести во Скопје и во нејзиното родно Неготино со барање за правда, но и за зголемување на безбедноста на улиците.
Се бараше и одговорност за таткото на Јованов, но родителите тврдеа дека тие не му ја дале колата. Постапката против неговиот татко продолжува.
Срѓан Стојанчов