Целосна корупција и партизација на општеството, во кое сите ние сме заложници на еден систем кој функционира на принципот „Ми се може“, но и соучесници дека не успеавме да создадеме вистински систем на вредности со децении наназад, вели писателот Александар Караев.
Во средена држава тоа во ниту еден случај не би можеле да го неречете дискотека, затоа што колективната свест е на многу повисоко ниво, додава тој .
„Ние сме заложници на еден систем каде што се вика „Ми се може“. Сликата од тоа диско ни кажува за една ерозија на општеството, за целата корупција, но и за многу други работи. Ако некој си дозволил тоа да биде искорумпирано да даде дозвола, друг организатор дозволил да го организира. Не можам да замислам во некоја земја во Германија, во Скандинавија дека дури и да има некој таков корумпиран дека ќе има организатор што тоа ќе го направи. Ајде да кажеме дека и организатор да има, дека ќе има бенд што ќе се согласи да свири во такви услови ќе рече „Не, како јас да свирам овде?!“. Па дури еве и бенд да има дека ќе има деца кои ќе отиде таму. Не ги кривам децата, нашите стандарди се толку ниски, ние им ги поставивме веќе. Ние се навикнавме на тие стандарди, се навикнавме на импровизација. Јас сум дел од кривицата, јас моето дете пред некој ден го земав од забава, од дискотека за која видов дека е перална за коли“, изјави Караев.
Во моментов се соочуваме со колективна тага, но на оваа трагедија во Кочани и претходеа многу други трагедии кои сведочат за ниско ниво на колективната свест во едно општество, вели професор Бајрактаров.
Згаснувањето на младите животи во Кочани е само уште една потврда на системот на неказнивост со децении наназд и дискутабилни критериуми што е успешна личност .
„Ако гледаме дека луѓе во Македонија или во регионот се најуспешни кои биле или во затвор или на сомнителен начин станале многу успешни и дека тоа е патот за успех, на брзина без скрупули, па така тоа е начин кој се промовира како начин на однесување. И тогаш од колективна свест се гради личност и како што гледате младите личности имаат изместени вредности за совест“, вели проф. д-р Стојан Бајрактаров, невропсихијатар.
Да се подигне свеста за вистинските вредности и емпатија, наспроти сензационализам и дускутабилни вредности се клучните нешта на кои мора да се инсистира во континуитет.
Многу фактори влијаат во тој процес, вели Бајрактаров, семејствето и образовниот систем, но и само навидум секојдневни ситуации кои непогрешиво знаат да сигнализираат за она што понатаму следи.
Нина Стефанова