На 60-годишна возраст во Србија почина Теофил Панчиќ. Колумнист и аналитичар на српските прилики и владетели чии режими оставија огромни последици врз Балканот и жителите на државите од поранешна Југославија.
-За пријателите во јавноста, Теофил беше громобран во најодвратните години во историјата на Србија, а беше и во претходните 13 (од почетокот на владеењето на Вучиќ). Кога пукаа по неговите пријатели го погодуваа него. (Голем човек беше Теофило). За блиските пријатели беше радост. За подлите беше колец забоден во око, стои во почесниот текст и последен спомен кој го објави неделникот „Време“ каде работеше и пишуваше со години.
Роден во Скопје, две години по катастрофалниот земјотрес, а последните години и денови живееше во Нови Сад, во близина на Жежељовиот мост, каде минатиот викенд од неговиот прозорец можеше да се видат најголемите пост-милошевиќе протести кај нашиот северен сосед.
Во историјата на авторски трудови и анализи, Панчиќ мораше со перото да се пресметува и да ги разоткрива и оние кои го делеа просторот и времето со него, ама беа на другата страна, како водачи на режим или на автократии. Прво беше Милошевиќ, последната деценија беше Вучиќ.
-Неговите колумни секогаш беа изместени од главните текови на толкувањето бидејќи гледаше нешто што ние не можеме да го препознаеме. Токму поради тоа, со големо нетрпение ги чекавме неговите колумни и неговите литературни критики: колку и да сте искусни, колку да сте му блиски, од неговите текстови учевме, пишува неговиот колега Иван Милутиновиќ во ИН МЕМОРИАМ посветен на Панчиќ.
Беше познат и како извонреден пишувач на книжевни критики и театарски рецензии и критики. Театарот и актерите, многумина од нив познаваше и лично повеќе му беа пријатели отколку „жртви“ на неговите авторски трудови за кои сега по заминувањето ќе има и зголемен интерес за да се видат креациите на овој мајстор.
Панчиќ имаше читатетли во Македонија, особено меѓу неговата генерација и генерацијата X. Следните генерации разбираа ама не читаа српски, туку слушаа па затоа ги прескокнаа лекциите на Теофил кои понекогаш беа поврзани и со судбината на Македонија, републиката која сега е држава и во која е роден. И која постојано беше во рамките на размислувањата и активностите на оние за кои пишуваше, а го држеа престолот во Белград.
Се бореше со разум и писмо против таквите, а Србија по распадот на Југославија понуди двајца такви владетелски ликови. Теофил Панчиќ, на теренот на којшто тој како автор делуваше, го остави срцето во тие битки против едноумието на новите српски владетели. И се бореше до крај.