Вести Свет

Премиерот се огради од политичките пораки на Додик – оцени дека го злоупотребил вчерашниот настан

Премиерот Мицкоски вчера од првиот ред ги слушна пораките на лидерот на босанските Срби, а денеска се огради од истите. Додик без напишан говор, а покрај празничната честитка, зборуваше и анти-НАТО и анти-ЕУ. Овие пораки, според претседателот на Владата се злоупотреба на настанот.

Тој вчера говореше веднаш после Додик, осврнувајќи се на евроинтеграциите на Македонија и Србија и споделените вредности на европскиот пат, без директно да одговори на политичките пораки на претходниот говорник.

„Во делот на содржината на говорот којшто се однесува на анти-ЕУ, анти-НАТО и слично јас категорично го отфрлам и апсолутно не се сложувам. Навистина не очекував дека ќе го злоупотреби тој настан за испраќање на такви пораки бидејќи тоа сепак беше свечена академија, а не место каде што ваков тип на политички пораки“, изјави премиерот Христијан Мицкоски. 

Претседателот на Република Српска вчера ѝ се заблагодари на Македонија што овозможила чествување на празникот Свети Сава – националниот ден на Србите во земјава. Потоа го спомена геноцидот и кажа дека такво нешто не постои и дека тоа е лага.

Потоа, Додик се осврна на Европската унија и изрази сомнеж од потребата за евроинтеграции. Ги искритикува и НАТО и САД.

Инаку, лидерот на босанските Срби е на „Црната листа“ на Соединетите американски држави пред речиси една деценија.

„Ние сме на европскиот пат. Но, гледаме дека токму таа Европа најмногу се посрамоти на Македонија која направи многу отстапки, а малку доби од Европа. Мораме еден ден да застанеме и да размислиме добро дали треба да продолжиме по тој пат“, порача Милорад Додик, претседател на Република Српска. 

Посетата на Додик и неговото присуство на свечениот настан вчера, наиде на критика и од страна на опозициските партии од албанскиот блок.

Од ДУИ оценуваат дека чинот ги премина сите граници на моралот, а секој граѓанин со достоинство вчера бил понижен, навреден и предаден.

„Беше пречекан и почестен Милорад Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи за поделба на Босна и Херцеговина и човекот кој го величи нечовечниот масакр во Сребреница. Како е можно човек изолиран од демократскиот свет кој шири поделби и омраза да биде официјално пречека од Влада која тврди дека ги претставува евроатлатнските вредности и меѓуетничкиот мир“, рече Дијана Тоска од ДУИ.

На вчерашната Свечена Светосавска академија покрај политички пораки, беа испратени и повици за единство. Централни фигури помеѓу сите високи претставници беа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот Охридски и Македонски, Господин Господин Стефан.

Двајцата дојдоа заедно, а пред присутните во МНТ се обрати само поглаварот на СПЦ. Нема официјални информации дали тие двајца одржале средба, ниту пак дали станало збор и за патот на МПЦ-ОА кон целосна и потполна автокефалност во православниот свет, откако СПЦ го даде томосот пред три години.

 Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

На пристаништето во Солун пронајдени 58 килограми кокаин

Дејан Дејан

САД и Саудиска Арабија потпишаа економски договор кој опфаќа енергетска и судска соработка

Дејан Дејан

Скопјанец осомничен за измама со фиктивна продажба на станови на кумановци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе