Сојузот на синдикати на Македонија подава рака за предлогот за 31.500 денари минимална плата, но без зголемување на придонесите на платата, кој го даде Комората на северозападна Македонија.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов во „Топ тема“ изјави дека со ваков модел на зголемување на минималната плата ќе добијат и работниците и работодавачите, но и државата.
„Државата треба да разбере дека нема да загуби од придонесите за задолжително социјално осигурување. Само ќе добие дополнителни придонеси со задолжително социјално осигурување со растот на платите. Таа треба само да се откаже да не го добие тоа утре и да биде фер спрема бизнисот и работниците, да може работниците тоа да го добијат утре и бизнисот да може да си дозволи да го даде тоа утре на работниците, меѓутоа државата да го добие тоа друг ден“, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека засега не добиле никаков сигнал од владата дали е прифатливо за неа да се откаже од придонесите на разликата со која би се зголемила минималната плата.
„Значи пак чворот е кај државата. Ние имаме најмногу придонеси во регионот. Државата треба делот на наплата на придонеси да го смени“, вели Џемаил Даути, од Стопанска комора на северозападна Македонија.
Од Сојузот на Стопански комори на Македонија сметаат дека усоглсувањето на минималната плата во Македонија со тие во регионот и во Европа кога тогаш мора да се случи, но предупредуваат на две работи.
„Услугите во потрошувачката кошничка немојте да очекувате дека ќе бидат на ценовно ниво од лани со ланската минимална плата. Значи, и во таа потрошувачка кошничка ќе учествуваат одредени работници на кои ќе им се зголеми минималната плата. Нормално е компаниите да очекуваат, доколку се зголемува платнотот ниво да бараат од своите вработени поголема ефикасност“, е ставот на Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија.
Од Стопанската комора на Македнија, пак, велат дека слушнале за предлогот, но дека за зголемување на минималната плата ќе се разговара на следниот состанок
„Во меѓувреме треба да се провери за колку растеле платите во однос на растот на инфлацијата“, е ставот на СКМ.
Од министерството за финансии без конкретен одговор дали за владата е прифатливо зголемување на минималната плата, но не и придонесите на платата. Од Финансии за Телма велат дека минималната плата е во надлежност на Економско-социјалниот совет каде сите засегнати страни ќе ги изнесат своите аргументи и врз основа на тоа, и соодветна проценка, ќе се донесе решение кое е и во согласност со можностите на Буџетот.
Законсокото зголемување на минималната плата треба да се случи во март кога таа ќе се зголеми од сегашните 22.567 денари на 24.400 денари, што едвај би била доволна за покривање на основните месечни потреби за храна и пијалоци на четиричлено семејство кое според минимална синдикална кошница за јануари изнесува повеќе од 23.000 денари.
Тамара Грнчароска