Денеска е 11 Октомври, 83 години од Народното востание на македонскиот народ. Во 1941 година се случува неповторлив и клучен историски настан, кој е синоним за отпорот на македонскиот народ кој го симболизира официјалниот почеток на Народноослободителната антифашистичката војна (НОАВМ) во Вардарска Македонија.

Тоа е важен темел во борбата за самобитност и самостојност. Продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото,Разловечкото,  Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување.

Бескомпромисната борба на партизаните од првиот Прилепски партизански одред и акциите кои тие ги изведоа со нападот на бугарската полициска станица, затворот и прекинот на електричните и телефонски жици, го трасираше борбениот пат кон слободата. Веќе следниот ден, на 12 октомври 1941 година, започнаа вооружените  акции и во Кумановско.  Во месноста Менкова колиба беше формиран Карадачкиот партизански одред, којшто заедно со Кумановскиот партизански одред формиран во месноста Студена вода ги интензивираше воените дејствија до 17 октомври 1941 година.

По тој повод делегации од Владата, законодавниот дом, Кабинетот на претседателката, градоначалници, политички партии, здруженија и дипломатскиот кор ќе положат цвеќе на спомен-обележјата на ослободителите во Скопје, Прилеп и во Куманово.

Државната награда „11 Октомври“ за 2024 година денеска во Собранието во 12 часот ќе му биде доделена на истражувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски.  Наградата, како што соопшти Министерството за култура и туризам, му се доделува за животно дело во областа на науката.

Мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски се добитници на наградата  „11 Октомври“ за животно дело во областа на културата и уметноста.

На свечената академија по повод празникот, ќе се обрати претседателката Гордана Сиљановска Давкова, што под нејзино покровителство ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност со почеток во 13 часот.