Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички денеска го почнува второто коло во АБА2 и тоа на гости кај еден од главните фаворити Војводина, а натпреварот е закажан во 18 часот.
„Центарци“ во првото коло по враќањето во регионалното натпреварување одиграа слаб натпревар и загубија во „Кале“ на домашен паркет од Сутјеска со убедливи 58-71. Сега пред себе Работнички има уште потежок ривал во името на Војводина, која минатата сезона играше во финалето за влез во елитната АБА-лига, а и оваа сезона тимот од Нови Сад важи за еден од главните фаворити.
Во првото коло Војводина исто така играше на домашен паркет и ја победи Босна со 77-67 во рамки на групата Б. Работнички тргна со победа во македонското првенство, а го совлада Феникс со 90-85. Клубот има доста финансиски проблеми на стартот на сезоната за што реагираше и навивачката група „Сити парк бојс“, но добрите резултати можат да донесат помирни води за најтрофејниот македонски клуб. Сепак, се чини фокусот на „центарци“ оваа сезона е домашното првенство.
Од останатите македонски тимови во АБА2, МЗТ во четврток гостува кај Цедевита Јуниор во рамки на групата А, додека Пелистер својот дуел од 2.коло од групата Ц против Подгорица го игра дури на 15.октомври на гостински паркет.
ФОТО: КК Работнички/АБА2