Мала лекција од краткотрајниот косовски претседател Беџет Пацоли за сегашната Вјоса Османи, а поврзано со аеродромската драма во Скопје. Пацоли и покрај критиките од Косово за неговиот став, тврди дека нема грешка во аеродромските служби и секој мора да се провери согласно безбедносните процедури за меѓународниот авио сообраќај.
Грешката според него била во персоналот на кабинетот на Османи.
-Не постои тип на имунитет што може да го оправда избегнувањето на проверка на кој било патник што лета со авион, особено со јавен авион каде што и безбедноста на другите патници е во прашање. Во случај некој патник да одбие да биде проверен од службата за безбедност, службата, меѓу другото, го известува пилотот на соодветниот авион и пилотот автоматски може да одлучи авионот да не полета, наведе поранешниот косовски претседател Беџет Пацоли во пост на ФБ.
Пред празник во Скопје беше косовската претседателка на поминување и транзит, а после празничниот викенд ќе дојде косовскиот премиер Албин Курти, во посета.
Таа посета е планирана и договорена пред три недели и не е поврзана со актуелниот случај, ни одговорија од МНР. Планирани се разговори за продлабочување на соработката, иако во меѓувреме како тема се наметна и случајот со Османи поради што се очекува на средбата и за тоа да стане збор.
Протестната нота која Приштина ја упати веќе е во МНР, а од утре ќе биде прераспределeна и до надлежните истражни органи за да подготват одговор за куќата на дипломатијата која треба да срочи дипломатски одговор на нотата и да го прати во Приштина.
Другиот внатрешниот дел од случајот, скандалозното шерифско однесување на членовите на обезбедувањето на претседателот на Парламентот Африм Гаши е под истрага и во Обвинителството и во внатрешната контрола.
СДСМ повторно го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека ги штити своите коалициски партнери од Вреди за грешката.
-Членот на обезбедувањето на Гаши тешко ги прекршил своите овласувања за што треба да биде прво итно суспендиран, а понатаму и кривично гонет. Фактите околу неговата улога во инцидентот во детали ги има МВР и внатрешна контрола и тие недвосмислено упатуваат на суспензија и судска постапка против него. Сега прашањето е зошто чекаат да го суспендираат, а понатаму и процесираат? Дали повторно ВМРО-ДПМНЕ коленичи пред коалицискиот партнер и се обидува да ги заштити?
СДСМ тврди дека ги знае сите детали, но повторно нема објаснување дали ги доставиле до обвинителството и МВР.
Миомир Серафиновиќ