Вести Македонија Топ вести

Најголемиот донатор на ДУИ „Еуровиа“ ќе гради базен во Чаир за 900 илјади евра

54 милиони денари, или скоро 900 илјади евра, е последниот тендер кој го доби фирмата Еуровиа од Желино, во сопственост на Елмедин Адеми, најголемиот донатор на ДУИ од минатата година. Фирмата треба да изгради училиштен базен во Топанско Поле.

За разлика од другите тендери, кои оваа фирма најчесто ги добива од институции предводени од кадри на ДУИ, овојпат го доби од Општина Чаир на чие чело е опозиционерот Висар Ганиу. Тој порано беше во ДУИ, но му се придружи на поранешниот потпретседател на ДУИ Изет Меџити во новото опозициско „Демократско движење“.

Албанската опозиција постојано обвинува дека тендерите за Еуровиа завршуваат во џебовите на ДУИ.

Градоначалникот Висар Ганиу во кус телефонски разговор за Телма вели дека имало електронска аукција, се пријавиле четири фирми, но мора да победи тој што дал најевтина понуда.

„Компјутерски се избира кој дал најниска цена. Првпат од вас слушам дека токму таа фирма го добила тендерот. Сигурно понудиле најниска цена“, ни рече градоначалникот Ганиу во кус телефонски разговор за Телма, иако неговиот потпис стои на договорот.

Еуровиа влезе во фокусот на јавноста во август годинава, по добивањето на тендерот од 1,8 милиони евра за адаптација на Спортскиот центар Борис Трајковски заради конференцијата на ОБСЕ што се одржа пред неколку дена.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи негираше политичко влијание врз изборот и тврдеше дека била избрана најевтината понуда.

Сопственикот на Еуровиа Елмедин Адеми лани ѝ донирал на ДУИ скоро 40 илјади евра, 2,5 пати повеќе од законски дозволеното. Фирмите блиски до него, Еуровиа и Виаком донирале уште 60 илјади евра.

Антикорупциската утврди дека ДУИ му ги вратиле вишокот пари само еден месец пред да го добие тендерот за Борис Трајковски и со тоа бил прекршен законот за финансирање политички партии.

Антикорупционерите исто така отворија предмет и за тендерот за Спортскиот центар Борис Трајковски.

Еуровиа пред два ипол месеци доби тендер од над 1 милион евра за регулација на дел од ободниот канал во Арачиново. На тендерот се пријавиле три фирми, а Еуровиа дала најевтина понуда.

Оваа градежна фирма само годинава има добиено уште три тендери од околу 5 милиони евра за чистење автопати, изградба на полициската станица Аеродром и реконструкција и пренамена на објект за Универзитетот Мајка Тереза во Скопје. Код истражуваше дека Еуровиа ѝ издала деловен простор на Лотарија на Македонија, исто така предводена од кадар на ДУИ.

Законот забранува фирма донатор на политички партии да добива државни тендери.

Адеми негираше дека токму таа Еуровиа донирала со оглед на тоа што има повеќе фирми кои го содржат тоа име, но се дел од поголема групација. Така, смета тој, не е прекршен законот. Адеми најави дека нема да се откаже од тендерите, зашто неговите компании имаат 250 вработени, кон кои има морална обврска.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина застреланиот странец во Штип, убиецот пробил полициска блокада на патарина, но е уапсен

Дејан Дејан

Променливо облачно со сонце и нестабилно – Временска прогноза за 10.5.2025

Дејан Дејан

Извршен увид по пукање со огнено оружје во Штип

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе