Премиерот Димитар Ковачевски не кажува колку точно пратеници му недостигаат на владеачкото мнозинство во Собранието за да се изгласа отворање на Уставот за вметнување на Бугарите, Хрватите, Црногорците, Словенците, Египќаните и Евреите во него, но вели дека на крај ќе ги има сите.
„На крај нема да фалат пратеници за изгласување на уставните измени“, вели Ковачевски.
Изјава на Ковачевски доаѓа на само неколку недели пред истекот на неформалниот рок за отворање на Уставот, крајот на септември, за да може процедурата на промена на Уставот да заврши пред состанокот на Европскиот совет во декември на кој, доколку Македонија ја исполни обврската за уставни измени, ќе се донесе одлука за преминување во втората фаза од преговорите за членство и отворање на првиот Кластер.
Ковачевски, кој денеска во три наврати избегна конкретно да одговори колку пратеници му недостигаат на мнозинството за уставните измени, рече дека секогаш работи на исполнување на целта.
„Прво јас секогаш сум верувал во остварување на целта и сум работел целта да се оствари“, гласеше одговорот на Ковачевски на новинарските прашања колку пратеници недостигаат и дали ќе ги обезбедите сите до крајот на септември.
Ваквиот оптимизам на Ковачевски доаѓа само на неколку дена откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од говор во Штип порача дека најголемо зло во држават се уставните измени.
„А уставните измени се полоши од катастрофата во секоја друга област, затоа што се натурени, наметнати и диктирани од надвор“, рече Мицкоски.
Пред еден месец министерот за надворешни работи, Бујар Османи, беше поконкретен од премиерот и рече на власта и недостигаат осум пратеници за да бидат изгласани Уставните измени.
„Мислам дека недостасува број на пратеници некаде околу осум“, изјави Османи.
Инаку собраниската седница за отворање на Уставот која почна и заврши на 18 август, но без да се гласа, влезе во третата недела од нејзиното одржување без датум за нејзино продолжување, односно гласање. Собранискиот спикер, Талат Џафари, уште пред стартот на собраниската седница најави дека за уставните измени ќе се гласа кога ќе бидат обезбедени 80 пратеници за тоа.
Тамара Грнчароска