Руската новинска агенција РИА Новости објави дека во регионот на Запорожје, што Русија го зазеде и анектираше за време на инвазијата на Украина, пристигнале првите доброволци од Србија. Тие, како што се додава во веста, веднаш се вклучени во обука со баталјонот на доброволци „Судоплатов“.
„Српските доброволци, заедно со борците од Русија, учествуваат во сите борбени вежби на еден од полигоните за обука во регионот Запорожје, за натамошно учество во специјалната воена операција“, објави РИА Новости.
„Дојдовме како поддршка на браќата Руси, како што добро се сеќаваме на настаните кои се одиграа во Југославија во 90-тите години од минатиот век. Се сеќаваме на неправдите на НАТО кон Србија и ситуацијата во Косово. Затоа дојдовме да го поддржиме рускиот народ во неговата борба. Украинците, впрочем, се оружје во рацете на Западот против Русија“, изјави еден од српските доброволци со ознака „Дунав“.
Друг српски доброволец со ознака „Сава“, пак, ги сподели првичните впечатоци по пристигнување во регионот на Запорожје. Вели дека во баталјонот постои братски однос кон Србија и оти се третирани како руски соборци по оружје.
„Постои целосно меѓусебно разбирање разбирање и единство во ставовите. Наша главна цела е да бидеме со руските браќа, да учиме, да тренираме и да усвојуваме искуство“, изјави тој за РИА Новости.
Српските медиуми потсетуваат дека, според Казнениот закон на Србија, за учество во вооружени конфликти е пропишана затворска казна од шест месеци до пет години. Казната може да биде и осум години зад решетки, ако делото е извршено групно. За организирање за заминување во оружен конфликт, казната затвор е до 10 години.