Денеска е тежок и опасен момент за жителите на Киев, предупреди градоначалникот Виталиј Кличко. Затоа се воведува полициски час во траење од 35 часа. Новите силни и жестоки експлозии од руските бомби кои уништија 4 станбени згради ги натера локалните власти да го вклучат новиот аларм. Во новите гранатирања уништени се куќи, но и кровот на подземната железница каде се кријат голем дел од луѓето.
Целосно е уништена 16-катна зграда. Загинаа најмалку четворица, но во урнатините има затрупани станари, а спасувачката акција се уште трае. Оние кои успеаа да се извлечат гледаа немоќно како горат нивните домови. Нема утеха ниту за пожарникарите кои секојдневно се борат со пожарите.
Многу е тешко, вчера гасневме еден пожар, денеска друг, многу е тешко. Луѓето умираат, а најстрашно е што дечиња умираат. Не г ни поживеале животот, а треба да го гледаат ова. Тоа е најлошо, вели 24-годишниот пожарникар Андриј.
Втор ден по ред горат згради во Киев. Се чини како руската војска да е на чекор до главниот украински град.
Но, според украинските генерали, топографијата и теренот на Киев се на нивна страна, затоа што го сечат реките, не само моќниот Дњепар, туку и неговите притоки. Па, украинската војска тука ја гради својата одбрана. За да успее во својот отпор, Зеленски денеска побара повеќе оружје од европските лидери. Она што го добиваме на неделно ниво, го трошиме за 20 часа, им порача украинскиот претседател.
Русија продолжува со несмален интензитет да уништува украински градови. Сателитските снимки го прикажуваат уништениот приморски град Мариупол, кој е срамнет со земја, и каде загинаа над двеипол илјади луѓе. За првпат конвој од 160 автомобили го напуштија овој град. За денеска се планирани уште девет коридори. Русија соопшти дека целата тероторија од областа Херсон е под нивна контрола. Сепак, според Пентагон, стратегијата на Путин не е многу успешна затоа што се соочува со силен отпор од украинската војска.
Според нас, генерално тие продолжуваат да бидат фрустрирани од многу цврстиот украински отпор и не го прават вистинскиот напредок на теренот што мислеа дека ќе го постигнат до овој момент, вели ЏОН КИРБИ, ПОРТПАРОЛ НА ПЕНТАГОН
Долго траеа вчерашните преговори кои се одвиваа преку видео врска. Претседателот Зеленски е оптимист од последната рунда, и рече дека неговата делегација „завршила добра работа“, без да наведе детали..Преговорите ќе продолжат во Турција. Америка не е толку убедена во прогресот на овие разговори. Сметаат дека Путин има прикажува лажна љубезност и има сосема друга идеја. Со оглед на уништувањето на Украина, целта му е да ја натера да се откаже од суверенитетот.
Тој очигледно ја има на ум окупацијата на Украина. И тој, исто така, јасно има на располагање дипломатски опции кои очигледно не е подготвен да ги прифати. Сега слушнавме разговори за разговори и очигледно би сакале да ги видиме дека јасно успеваат. Но, немаше голем напредок во тој поглед. Затоа, повторно, сакам да бидам внимателен и да не ги намалуваме видот на штетата и смртта што ги предизвикува со некаков вид сигнализација за пораки, вели Кирби.
Но, украинците на терен се убедени во успех. Војната би можела да заврши до мај, оценува советникот на Зеленски, Олексеј Арестович. Тој вели дека е можно наскоро да се потпише мировен договор, кога – не знае, но се ќе зависи од тоа колку пари Кремљ е подготвен да посвети на воената кампања.
Алиса Шутиноска