Во ракетен напад чија цел била во близина на новиот конзулат на САД во градот Ербил во северен Ирак е повредено едно цивилно лице, а првичните информации на американските официјални лица се дека ракетоите се истрелани од иранска територија.
Комплексот на конзулатот којшто е во изградба не е директно погоден, а нема повредени во персоналот на дипломатското претставништво.
САД има конзулат во Ербил, град кој се наоѓа во полуавтономна курдска област на северот на Ирак, но целта на нападот бил новиот конзулат кој се гради на 10-тина километри од градот.
Во нападот биле употребени најмалку 6 проектили од кои еден завршил на два километри од новиот конзулат, извести Волстрит Џурнал повикувајќи се на американски официјални претставници.
Неколку часа понападот, курдското Министерство за внатрешни работи соопшти дека со 12 балистички проектили испукани надвор од Ирак е нападнат периметарот на новиот комплекс на американскиот конзулат. Курдското МВР не го именуваше Иран, но истакна дека ракетите дошле од источниот дел на Ирак, каде што земјатасе граничи со Иран. Еден цивил е повреден во нападот, соопшти Министерството.
Американските претставници за ВСЏ изјавиле дека ракетниот напад е можна одмазда за претходен израелски воздушен напад во Сирија, кога во понеделникот загинаа двајца припадници на Исламската револуционерна гарда на Иран. Израел се сомнева дека иранската гарда ги вооружува и обучува припадниците на Хезболах.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи по израелскиот напад изјави дека Иран ќе преземе чекори за да ја потенцира одговорноста на Израел.
Иранците претходно се обидоа да извршат притисок врз САД за да го ограничи делувањето на својот сојузник-Израел.