Вести Свет Топ вести

Руската инвазија се проширува – за прв пат бомбардирани цели и во Лутск, Днипро и Ивано-Франковск

Руската инвазија врз Украина продолжува со несмален интензитет. За прв пат од почетокот на војната, руските сили извршиле напад на цели во градот Лутск во северо-западна Украина. Воздушни напади се извршени и во градот Днипро, во централно-источна Украина, при што биле убиени најмалку две лица. Силни експлозии одекнале и во градот Ивано-Франковск, во југозападна Украина.

Руските окупациони сили тврдат и дека ја презеле контролата врз стратешки значајниот град Волновака, северно од пристаништето Мариупол на Азовското море, кој е под опсада на руските сили.

Веста за овие напади ја потврдија и руските воени извори, тврдејќи дека биле гаѓани воени аеродроми.

„Утрото на 11-ти март, високо прецизно оружје со долг досег ја нападна воената инфраструктура на Украина. Воените аеродроми во Лутск и Ивано-Франковск беа неутрализирани. Во минатите 24 часа, борбените авиони и противвоздушната одбрана соборија три Украински Ми-24 хеликоптери, 8 дронови, вклучувајќи 5 Бајрактар ТВ2. Оперативно-тактичката и воената авијација погодија 107 објекти на Украинските вооружени сили“ – изјави Игор Конашенков, портпарол на руското министерство за одбрана.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази загриженост заради последното обвинување на официјална Москва, дека неговата земја развива хемиско оружје.

Русија ова секогаш го прави кога се подготвува самата да изврши таков напад, изјави Зеленски.

За недокажаното руско обвинување, денеска седница ќе одржи и Советот за безбедност на ОН.

Истовремено, повеќе сателитски снимки покажуваат дека огромниот руски воен конвој северно од Киев, се прераспоредува и полека напредува кон главниот град на Украина, што се толкува како подготовка за опсада.

Слична е ситуацијата и во повеќе други градови, при што се стравува од ново сценарио како во градот Мариупол, чии жители се без храна, вода, струја и греење.

Рускиот претседател Путин наредил и дека треба да им се дозволи на странските државјани кои сакаат доброволно да се борат во Украина, тоа да го направат.

Министерот на одбрана, Сергеј Шојгу, тврди дека официјален Кремљ добила повеќе од 16 илјади апликации од земјите на Блискиот Исток, од кои голем дел се луѓе кои, според него, веќе се бореле со русите против Исламската држава во Сирија.

„Што се однесува до регрутирањето платеници од цел свет и нивно испраќање во Украина, гледаме дека тие, Западните спонзори на Украина и режимот во Киев, не го кријат тоа, го прават отворено, занемарувајќи ги сите правила на меѓународното право. Затоа, ако видите дека има луѓе кои сакаат да одат таму и да им помогнат на луѓето во Донбас како волонтери, особено без пари, тогаш треба да им го дозволиме тоа, да им ја исполниме желбата и да им помогнеме да стигнат до борбените зони„ – изјави Путин.

Украина продолжува со обидите за евакуација на цивилите. Властите во Киев соопштија дека денес сакаат да отворат 12 хуманитарни коридори низ кои би можеле да се евакуираат граѓаните.

Десетици илјади луѓе досега успешно биле извлечени од зоните на судирите, но повеќе обиди завршиле неуспешно заради прекршувањето на прекинот на огнот.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Повредата е толку осетлива што од минута во минута создава нови проблеми“ вели мајката на повредениот син во пожарот во Кочани

Дејан Дејан

(Видео)Нов протест за Фросина – нејзиното семејство незадоволно од пресудата

Дејан Дејан

Oбвинителството предлага Крешник Бектеши да оди во куќен притвор

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе