Министрите за надворешни работи на Русија и Украина се сретнаа денеска во Турција за прв пат откако Русија ја нападна Украина, а Анкара се надева дека средбата ќе биде пресвртница во конфликтот.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба ги намали очекувањата пред средбата со неговиот колега Сергеј Лавров. Средбата почнала во 9.15 часот, а двајцата министри на завојуваните земји јавно не се ракувале, велат присутните новинари.
Кулеба пред средбата на Лавров повика да се дојде на разговорите „со добра волја“, а не од „пропагандна перспектива“.
„Имаме две задачи. Подготвени сме да ги продолжиме преговорите“, рече Кулеба. „Дојдов овде да организирам хуманитарни коридори. Разговаравме за 24-часовен прекин на огнот. Лавров не се согласи. Се надевам дека ќе се отворат повеќе хуманитарни коридори. Многу луѓе страдаат, деца, бебиња…“, рече Кулеба.
По него се обрати Сергеј Лавров.
„Работевме на обидот да се реши кризата. Разговаравме за хуманитарни проблеми. Објаснивме што прави Русија од нејзина страна за да им помогне на цивилите приведени од таканаречените „волонтери“, рече Лавров.
„Ни беше дадено уверување дека ќе добиеме одговор на нашите барања. Сакаме да го зачуваме мирот во Европа“, рече Лавров.
„Потезите на Западот се опасни, тоа го гледаме“, продолжи Лавров.
„Ние не ја нападнавме Украина, не планираме да нападнеме ниту други земји. Нашата безбедност е загрозена. Сакавме да разговараме, но никој не не слушаше“, додаде тој.