Консултациите со коалициските партнери завршија. Предлозите за новите министри им се соопштија но имиња во јавноста нема да се откријат се додека предлог составот за новиот владин кабинет не ги помине филтрите на највисоките партиски тела на СДСМ, Извршниот и Централниот одбор. Мандатарот Ковачевски најавува изненадувања, проверени кадри со успешни резултати во своето работење. Познавачите на состојбите сметаат дека лидерот на СДСМ ќе се обиде да им ги удоволи барањата на коалициските партнери и оваа власт да го истера мандатот до 2024 година.
Новата Влада ќе добие и нов партнер, Алтернатива, со три министерски места.Стоматологот Беким Сали ќе го наследи Филипче во здравство, Адмирим Алити ќе биде нов министер за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде без ресор задолжен за дијаспората. Во ДУИ нема да има промени, сите ги задржуваат досегашните функции, освен што го отстапуваат информатичко општество а го добиваат секторот земјоделство. Нови лица ќе има од СДСМ. Во тајност се држат наследниците на Шекеринска, Царовска, Николовски, Спасосвки, Шахпаска, Стефоска. Од функцијата си заминува и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров, а во јавноста се говори дека на негово место ќе дојде актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ. Предлог програмата и списокот за новиот владин кабинет ќе бидат доставени во Собранието најдоцна до вторник, по што спикерот Талат Џафери ќе закаже седница на која треба да се избере Владата.
Јулијана Пешевска