Двајца тешко повредени, а вкупно 8 приведени е вкупниот биланс на инцидентот на ски патека во Маврово кој се случил во неделата попладне.
Во инцидентот учествувале 4-ца жители на Косово и 4-ца гостиварци. Според првичните истражни сознанија, недоразбирањата почнале кога 4-цата косовски државјани сакале преку ред да се качат на жичарницата. На тоа реагирал еден скијач од Гостивар кој барал да се почитува редот. Но, гостите од Косово сакале да се пресметаат со него и со неговиот брат. Подоцна на гостиварците им се приклучиле уште двајца познаници.
Во тепачката двете групи користеле и скии и ски стапови и дрвени предмети, а по еден од двете групи се потешко повредени. 19-годишно момче од Косово имало повреди на главата, додека 30-годишен гостиварец имал фрактури на раката и на носот. И двајцата се згрижени во болницата во Гостивар, а сите учесници се приведени и од полицијата додека обвинителството ќе го има последниот збор за кое кривично дело ќе одговараат.
Инцидентот се случил во време кога околу жичарата имало многу возрасни, но и деца сите дојдени за новогодишниот викенд.
Сличен инцидент имало и на Попова Шапка кога 4-ца жители на Скопје нападнале и претепале две момчиња од Тетово поради недоразбирање во угостителски објект. Напаѓачите биле приведени.
За инцидентот во Маврово, полицијата издаде соопштение:
На 02.01.2022 околу 18.15 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода Ј.О.(27), Д.О.(30), Ф.О.(29) и А.О.(19) од Република Косово и Б.Д.(29),Г.Ѓ.(25), М.Ѓ.(41) и С.Ѓ.(30) од Гостивар, поради сомнение за нивна инволвираност во меѓусебна физичка пресметка, која околу 14.50 часот се случила на ски-терените на Бистра во Маврово. Според пријавеното, во физичката пресметка биле употребени и тврди предмети, а две лица, А.О. и С.Ѓ. се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“. Сите инволвирани се задржани во Полициската станица Гостивар за целосно расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесена соодветна пријава.